ПРЕМИЕРА: Новиот Aston Vanquish e… Aston Martin Vanquish! – CARclub.mk | #1 за Автомобилите full screen background image
Search

ПРЕМИЕРА: Новиот Aston Vanquish e… Aston Martin Vanquish!

Ако не мислите дека автомобилите на Aston Martin се меѓу најубавите во светот, тогаш навистина нема потреба повеќе да зборуваме. А новиот Vanquish? Ах….

Срцето на новиот знаменосец на Aston Martin е 5.2-литарски твин-турбо V12 кој испорачува – подгответе се – 835 коњски сили и 1000 Nm вртежен момент. Силата ја пренесува кон задните тркала преку 8-брзински автоматски менувач и достигнува 100 километри на час за нешто повеќе од 3 секунди и достигнува максимални 345 километри на час. Од Aston Martin напоменуваат дека ова е највисоката брзина за сериски-произведен Aston Martin досега.

А околу тој V12 е замотано тело кое изгледа едноставно.. Спектакуларно! Дизајнерите успеале да искомбинираат автентични, препознатливи Aston Martin детали со модерни, современи дизајнерски елементи. Резултат на сето тоа е автомобил кој има „самоуверен карактер и поголемо присуство на патот“. Дооолгиот преден дел и обликот на предните светла се препознатливи за Aston Martin.

Купеовската силуета е нагласена од сензуално исфрлените крила, но вистинската дизајнерска еволуција се случува на задниот дел, каде дизајнерите радикално остапиле од досегашните дизајнерски насоки на брендот и Vanquish добива таканаречен Kamm Tail. Kamm Tail (или Kammback) е всушност дизајнерскo решение каде горниот дел од задниот дел е поисфрлен нанадвор од долниот дел, или пак задниот дел е нагласено вертикален. Ваквото решение истовремено овозможува драматичен дизајн, но и подобрена аеродинамика.

Задните светла се во форма на седум LED „светлосни сечила“, додека во долниот дел се поставени нагласен дифузер и завршетокот на издувниот систем. И сето тоа изгледа едноставно… Прекрасно!

Кабината е токму онаква, каква му прилега на автомобил замислен да преминува цели континенти во еден здив – а тоа значи комбинација од луксузни и квалитетни материјали, врвно мајсторство и сите можни современи технологии. Vanquish има само две седишта (нормално). Пред возачот е поставен 10.25-инчен панел со дигитални инструменти, додека на централната конзола е поставен уште еден 10.25-инчен дисплеј за инфозабавниот систем. Забележуваме и физички контроли за многу од функционалностите.

Цените не се објавени, но Aston Martin потврдија дека првите испораки се планирани за крајот на оваа година.



Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.