ПРЕМИЕРА: Audi го претстави целосно-новиот, технолошки-напреден Q5! – CARclub.mk | #1 за Автомобилите full screen background image
Search

ПРЕМИЕРА: Audi го претстави целосно-новиот, технолошки-напреден Q5!

Q5 е дел од портфолиото на Audi повеќе од 15 години, па германскиот бренд му посвети навистина многу внимание на новиот премиум SUV.

Новиот Q5 е поставен на Premium Platform Combustion (PPC) архитектурата на Audi и ќе биде достапен со бензински и дизел мотори. Во Европа, сите погонски опции ќе бидат со лајт-хибридна компонента која вклучува батерија со капацитет од 1.7 kWh и електромотор кој испорачува дополнителни 24 коњски сили и 230 Nm вртежен момент.

Европските мотори доаѓаат во форма на 2-литарски TFSI со 203 коњски сили и 340 Nm вртежен момент кој ќе може да се комбинира со погон на предните или сите четири тркала, како и 2-литарски TDI со 204 коњски сила и 400 Nm. На самиот врв е новиот SQ5 кој добива 3-литарски TFSI турбо-бензинец со 362 коњски сили и 550 Nm вртежен момент.

Дизајнерите на Audi успеале да дизајнираат SUV кој изгледа модерно и привлечно, без да изгледа премногу тешко и гломазно. На предниот дел доминираат големата маска на ладилникот и старничните отвори за воздух, како и дискретно-омекнатите светлосни групи со модерна 3д-графика.

Профилот е препознатлив за Q5, со кровната линија која дискретно опаѓа и на големиот SUV му дава и малку купеовска линија. Секако, тука се и големите тркала, но интересен новитет има  на задниот дел – тука се новите OLED задни светла од втора генерација кои можат да ги информираат другите учесници во сообраќајот за незгоди или други ситуации преку графички приказ. Достапни ќе бидат 11 бои и тркала со големина од 17 па сè до 21 инч.

Поврзано:  ПРЕМИЕРА: Audi A4 станува А5, претставен и нов S5

Кабината е вистински фестивал на високите технологии. Во огромен, закривен дисплеј се поставени два екрани – едниот со дијагонала од 11.9 инчи наменет за инструментите, додека MMI инфозабавниот дисплеј е со дијагонала од 14.5 инчи. Достапен е и 10.9-инчен дисплеј за совозачот. Инфозабавниот систем е изграден врз Android OS и овозможува пристап до апликации и слични функционалности. Секако, можете да нарачате и хед-ап дисплеј, нормално.

Сите седишта во кабината нудат многу можности за нагодување, а тука е и безжичниот полнач за мобилен телефон (со ладење), два USB-C приклучоци во предниот дел од кабината и два на задната клупа. Двата задни приклучоци испорачуваат до 100 вати, со што брзо ќе се полнат секакви уреди – па и лаптоп.

Од Audi гордо кажуваат дека со новиот Q5, докажаниот концепт влегува во својата трета генерација. Со оглед на димензиите, технологиите и погонските опции, очекуваме дека успехот на Q5 ќе продолжи и во третата генерација.



Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.