Македонска ренесанса на Kia Picanto! – CARclub.mk | #1 за Автомобилите full screen background image
Search

Македонска ренесанса на Kia Picanto!

Малиот Picanto е повторно во понудата на Kia во Македонија и ќе се натпреварува во сегмент во кој конкуренцијата е мала (хехе), но докажана.

Со неодамнешното освежување, Kia направи навистина забележителни измени кај својот најмал автомобил. Дизајнот е темелно изменет и дизајнерите го применија Opposites United дизајнерскиот јазик прилично ефикасно. Предниот дел е целосно редизајниран со нови предни светлосни групи (кои можат да бидат со LED), а браникот е ревидиран за да има покомплексен и поагресивен изглед. Задниот дел добива нови поврзани LED светлосни групи, со што се заокружи освежувањето на екстериерот.

Кабината кај новиот Picanto е фокусирана кон технологиите, па дури и кон технологии кои обично не ги очекуваме во овој сегмент. Новиот 8-инчен Kia Connect инфозабавен уред добива wireless надградби, како и поддршка за две Bluetooth конекции, препознавање гласовни команди и интеграција со Apple CarPlay и Android Auto.

Стратегијата за нашиот пазар е да се нуди само едно (прилично високо опремено) ниво на опрема, а изборот на купувачите да се сведува на бојата и видот на преносот. Достапен е и само еден мотор – 1.2-литарски атмосферски бензинец со четири цилиндри кој испорачува 79 коњски сили и 113 Nm вртежен момент, кој може да се комбинира со 5-степен мануелен или 5-степен автоматски менувач. Picanto со мануелен менувач може да се добие за 17.650 Евра, односно 18.650 Евра доколку сакате автоматски менувач.

Наскоро ќе го добиеме новиот Picanto на тест, па ќе ги пренесеме нашите впечатоци.



Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.