Ќе бидат произведени само 1974 примероци од 911 Turbo 50 Years Edition во чест на годината во која беше лансиран првиот 911 Turbo.
Славеничкиот 911 Turbo 50 Years Edition добива специјални декоративни стикери кои оддаваат почит на Porsche 911 RSR Turbo концептот од (сега веќе навистина далечната) 1973-та година, кој пак беше инспирација за серискиот 911 Turbo од генерацијата 930 кој беше лансиран следната година.
Задниот спојлер е во Anthracite Grey сива боја, а во истата боја се долниот дел од предниот дел, столбовите на страничните ретровизори и отворите за воздух. Во Turbonite бојата се тркалата, задниот поклопец, капачето за гориво, Porsche ознаките и специјаните Turbo 50 ознаки.
Кабината е инспирирана токму од 70-тите години и духот на тој период, а може да се нарача и Heritage Design пакетот кој е дополнителен омаж на историјата на Porsche. Секако, тука се и неизбежните Turbo 50 значки. Дополнително, тие кои ќе го одберат Heritage Design пакетот ќе добијат Aventurine Green боја на надворешноста (најдобрата боја за 911!), сребрен преден поклопец и дополнителни тркачки декоративни елементи.
Секако, бидејќи е Turbo, специјалната едиција е базирана токму врз 911 Turbo S – а тоа значи 3.7-литарски твин-турбо боксер кој испорачува 650 коњски сили и 800 Nm вртежен момент. Ние токму ваков 911 возевме на неодамнешното Porsche Driving Experience.