Баварците значително ја зголемија продажбата на електрични возила и Германскиот бренд успеа за прв пат на стариот континент да продаде повеќе возила од Tesla.
Од Jato Dynamics пристигнаа продажните резултати за Јули и имаме вистинско изненадување – за прв пат, BMW во Европа продаде повеќе електрични возила од Tesla. Овие резултати се должат на импресивното зголемување на продажбата на BMW од цели 35 проценти во однос на истиот месец минатата година – баварците продале вкупно 14.869 електрични возила минатиот месец.
Сепак, титулата за најпродавано електрично возило и понатаму останува кај Tesla – Model Y е продаден во 9544 примероци. На второто место е Volvo EX30, додека на третото место е Volkswagen ID.4. На четвртата позиција е уште една Tesla, и тоа Model 3.
Дали ова е некакво изненадување? Па и да и не. Да, затоа што Tesla и понатаму е доминантниот бренд кога станува збор за електричните возила, но од другата страна, BMW има поголемо портфолио на електрични возила со кое е полесно да се приближи до поширока гама на купувачи. Најпродаван електричен модел на BMW е iX1 со 4305 продадени примероци.