Skoda се поздравува со минатиот Superb со специјален примерок со скоро 500 коњски сили! – CARclub.mk | #1 за Автомобилите full screen background image
Search

Skoda се поздравува со минатиот Superb со специјален примерок со скоро 500 коњски сили!

Skoda UK одлучи да го испрати минатиот Superb со специјален примерок кој има 477 коњски сили и се вика едноставно… Sleeper Edition!

Superb Sleeper Edition е заеднички проект на Skoda UK и RE Performance. RE Performance е инженерскиот тим позади рекордерската Octavia која постигна максимална брзина од 365 километри на час на Bonneville Salt Flats во САД во 2011 – и токму овој тим работеше и на Superb Sleeper Edition.

Но што е Superb Sleeper Edition? Накратко, Superb навиен на максимум! Изграден врз одличниот Superb 2.0 TSI со 280 коњски сили, 350 Nm вртежен момент и погон на сите четири тркала (поздрав до форумџијата Микси!), големиот караван е доработен со нов мотор, нова суспензија, спортски сопирачки и уште неколку додатоци.

Резултат? Моторот е надграден од 280 коњски сили и 350 Nm вртежен момент на импресивни 477 коњски сили и 661 Nm вртежен момент. Секако, дел од приказната е поголем турбополнач, како и ревидиран и надграден систем за испорака на гориво, како и надграден систем за дишење и нов интеркулер. Дополнително, автомобилот добива и Handling Pack кој вклучува тркачка суспензија, која пак го приближува до подлогата за дополнителни 50 милиметри. Конечно, тука се и надградените сопираки од AP Racing со поголеми дискови и посилни клешти.

Но она што е најдобро од сè е дека ова е Sleeper Edition, однадвор автомобилот изгледа како ништо да не е чепнато. Superb Sleeper Edition е во Royal Green зелена боја која беше достапна само во 2023 во чест на крунисувањето на Кралот Чарлс Трети. Во кабината е задржана Cognac перфорираната кожа со контрастни шевови.

Поврзано:  ТЕСТ: Škoda Octavia 2.0 TDI 150 DSG Selection - Octavia и понатаму е... Octavia!


Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.