ТЕСТ: Volvo EX30 Twin Motor Performance AWD Ultra – Најбрзото Volvo во историјата! – CARclub.mk | #1 за Автомобилите full screen background image
Search

ТЕСТ: Volvo EX30 Twin Motor Performance AWD Ultra – Најбрзото Volvo во историјата!

EX30 е најмалиот електричен автомобил во понудата на Volvo – но истовремено е најбрзиот автомобил во историјата на шведскиот бренд. Не е тоа малку… Контрадикторно?

Volvo секогаш бил другиот избор. Поинаквиот избор. Ако германските премиум брендови се етаблираната конкуренција, тогаш Volvo е неочекуваниот, но самоуверен играч. Шведскиот бренд секогаш ги правел работите малку поинаку, со поинаков пристап и со своја интерпретација на правилата. Брендот кој секогаш бил фокусиран на безбедноста, во изминативе години таа своја насока ја проширува и го влече максимумот од модерните технологии на повеќе полиња. Автомобилите на Volvo секогаш биле безбедни, но што ако сакаме да бидат и… електрични?

Трансформацијата кон електрична мобилност е многу полесна за производител како Volvo. А тоа е поради фактот дека Volvo е значително помал производител, а со тоа и значително поагилен. Па кога Volvo лансира нов модел, сите внимателно следат што се случува, затоа што неретко токму Volvo е брендот кој презема интересни ризици и на некој начин го оди патот по кој ќе треба да одат и другите брендови.

Но што е всушност EX30? Ако се прашуваме ние, EX30 е првиот наменски-направен целосно-електричен автомобил на Volvo. Во ред, во ред, Volvo на пазарот веќе го понуди и C40, но тоа беше електричен автомобил поставен на платформа наменета за повеќе различни енергетски опции – C40 беше базиран на XC40 кој се нудеше со бензински и дизел мотори, лајт-хибридни мотори и со плаг-ин хибриден погон. EX30 од самиот старт е развиен да биде целосно-електричен, со сите придобивки од тој пристап.

Инаку, EX30 е поставен на Scalable Experience Architecture платформата на брендот, која пак е развиена да се користи и за други модели во рамките на групацијата Geely – и токму тоа покажува колку доверба има Volvo во својот продукт.

Робустен, чист дизајн

А првиот контакт со EX30 е навистина интересен. Дизајнот е истовремено супер-футуристички и на прв поглед EX30 како да нема семејна поврзаност со другите модели на Volvo, а од друга страна кога подобро ќе загледаме, веднаш препознаваме детали кои се препознатливи за шведскиот бренд.

Предниот дел е дефиниран од широките, тенки светла. LED технологиите им дозволија на дизајнерите поголема слобода да бидат креативни при дизајнирањето на светлосните групи, па веќе нема потреба од огромни предни светла – а тоа одлично се приметува токму кај EX30. Светлата се широки, тенки и остри, а светлосниот потпис е во форма на Чеканот на Тор, кој е препознатлив елемент на Volvo.

Линиите се остри и јасни, како каросеријата да е навлечена и „затегната“ врз структурните елементи на EX30. Исфрлените крила прават профилот да изгледа изненадувачки мускулест, а самоувереноста на ставот е дополнително истакната преку релативно ниските стаклени површини.

Големите тркала и острата профилна линија му даваат на EX30 робустен став, додека на задниот дел вниманието оди највеќе кон задните светла кои се поделени во два сегменти. Интересно, ознаката EX30 не е поставена на задниот дел, туку високо на Ц-столбот. Надвисоците се кратки, а предниот и задниот дел се уверливо вертикални.

Сè на сè, EX30 лесно се препознава како модел на Volvo. Чистите, остри линии и јасните форми се препознатлива дизајнерска насока за Volvo, a EX30 успешно ги интерпретира – но на посовремен, поавангарден начин.

Поврзано:  EX60 ќе биде првото возило на новата SPA3 платформа на Volvo

Фокус на дигитализацијата

Одиме внатре – и тука се препознава магијата на електричните автомобили. Зошто? Затоа што дизајнот на EX30 на некој начин лаже. Неговите димензии цврсто го позиционираат во помалите категории, но EX30 нуди простор во кабината како во класа-поголем автомобил. Ја отвораме вратата и нè пречекува модерна, просторна и светла кабина, но и една од најголемите точки на конфликт кога станува збор за EX30.

А зошто? Па поради интензивната дигитализација, односно отстранување на навистина голем број физички контроли команди и инструменти и нивно мигрирање во централно-поставениот екран. За бренд како Volvo кој толку силно се фокусира на безбедноста, ова е дури малку нејасна одлука.

Од друга страна, софтверот во EX30 целосно се базира на Android, а тоа пак значи дека откако ќе ја надминете кривата на учење самиот систем е изненадувачки лесен за користење. Да, понекогаш треба да лутате низ различни менија и под-менија, но по ден-два работите стануваат релативно логични. Она кое не ни се допадна? Па дури и прекинувачот за „четирите жмигавци“ е дигитален, исто како и прекинувачот за централно-поставената касета.

Но всушност, во кабината е навистина мирно и тивко. Наидовме на интересен микс од материјали и текстури – од рециклираните материјали на горниот дел од „шалт-таблата“, преку текстилот на наслоните на седиштата и имитацијата од кожа на долниот дел (која ќе беше подобро да биде перфорирана), па сè до металните рачки за отворање на вратите. Навистина, сè што допревме оддаваче чувство на робустност и квалитет. Ако се прашуваме, најверојатно би го избегнале сончевиот кров кој нема дополнителна завеса за затемнување.

Лесно се наоѓа комфорна и прегледна возачка позиција – и може да се седи и изненадувачки ниско. Во кабината има многу места за складирање ситници – во централниот наслон меѓу возачот и совозачот се кријат држачите за чаши кои ја играат улогата и на место за дребулии, додека во долниот дел (бидејќи нема тунел за преносот) има простор за одлагање поголеми работи, како и покриен дел доколку сакате да скриете нешто. Во централниот наслон се поставени и прекинувачите за прозорците.

Под мултимедијалниот уред се наоѓа држач за мобилен телефон со вграден полнач, но недостасува дополнителна физичка поддршка за телефонот, па од свиок во свиок знае малку да се „прошета“ низ просторот наменет за него.

Поврзано:  Ова е освежениот Volvo XC90

Инаку, пред возачот (на местото каде би очекувале да има некакви инструменти) има сензори и камери кои во реално време следат што се случува, па доколку автомобилот забележи дека возачот не обрнува доволно внимание на тоа што се случува пред и околу него, ќе го потсети да се фокусира кон возењето. Да, ова е Volvo.

На задната клупа е релативно комфорно, но ќе забележиме дека поради батериите подот е прилично висок, а и нема нешто премногу простор за нозете. Од друга страна, бидејќи очекуваме дека на задната клупа најчесто би се возеле деца, ова и не би требало да претставува преголем проблем.

Немаме примедби ниту на багажникот – преку големата петта врата се пристапува кон прилично добри (за класата) 316 литри багажен простор, а детаљ кој ќе го пофалиме е нацртаниот приказ на багаж кој директно покажува колку и како може да сеобере во товарниот дел на EX30. Ќе го пофалиме и малиот преден багажник со капацитет од 10-тина литри каде можете да ги складирате каблите за полнење.

А зошто е ова толку важно? Па замислете дека одите некаде на одмор, со полн багажникт и дека треба да застаните да полните. Ќе извадите сè од багажникот за да ги извадите каблите скриени во двојното дно? Секако дека не.

Перформанси на супер-автомобил!

Но она кое навистина импресионира се перформансите. Зошто кажуваме дека EX30 е најбрзиот Volvo во историјата? Не, не зборуваме за максималната брзина. Зборуваме за забрзувањето до 100 километри на час кое кај нашиот тестен модел беше само 3.6 секунди. 3.6 секунди! Тоа се времиња резервирани за супер-спортски автомобили, не за практичен електричен семеен кросовер.

А сето тоа се должи на батеријата со капацитет од 69 kWh која соработува со два електромотори – еден на предната, еден на задната оска. Моторот на предната оска испорачува 156 коњски сили и 200 Nm вртежен момент, додека оној на задната оска испорачува 272 коњски сили и 343 Nm вртежен момент. Системската моќност е безмалку неверојатни 428 коњски сили и 543 Nm вртежен момент. Според официјалните мерења на WLTP, можете да очекувате досег до 460 километри. Ние измеривме максимална автономија која беше нешто поблиску до 350 километри, но со вклучен клима-уред и не баш најштедливо возење.

EX30 во оваа конфигурација има два режими на возење, еден нормален режим каде погонот е примарно на задните тркала и каде испораката на сила е значително полинеарна. Инженерите на Volvo намерно вовеле одредено каснење при притискањето на педалата за гас за да го доближат возачкото искуство до она кај возилата со конвенционални мотори и да го направат возењето покофморно.

Поврзано:  Ова е освежениот Volvo XC90

Вториот режим е Performance All Wheel Drive режимот, каде целата сила е достапна „од нула“ и EX30 забрзува како супер-автомобил. Без разлика на брзината, без разлика на ситуацијата, во овој режим EX30 „крши врат“ и забрзува со интензитет и неуморност кои едноставно.. Не ги очекувавме!

Би додале дека и сопирачките се одлично калибрирани и го нема она карактеристичко „двоење“ меѓу регенеративното и механичкото сопирање. Од друга страна, не очекувајте преголем фидбек низ упраувачот – да, управувањето е директно и прецизно, но електричното серво не пренесува премногу повратни информации од подлогата.

И конечно, какво е искуството зад воланот? Ќе кажеме дека дури и на 20-инчните тркала, во кабината не се пренесуваат премногу несакани вибрации, а ниското тежиште (благодарение на батериите) прави EX30 да не се чувствува како SUV туку како компактен хечбек.

Неговата агилност и подготвеност да ја смени насоката на движење во голем дел се должи на перформансите кои ги нудат електромоторите, но во суштина, ова е навистина компетентен автомобил. За оние кои сакаат уште покомфорно возење тука се помалите тркала, но сметаме дека тој избор негативно би се одразил врз визуелниот ефект на EX30.

Работите се менуваат…

Да, работите се менуваат. Volvo ја дотерува својата стратегија и се насочува кон иднината – и сето тоа го прави на препознатливиот-за-Volvo начин. Современ, чист, невулгарен дизајн, врвна безбедност и супер-современи технологии. Некои од одлуките нема да бидат по сечиј вкус, но Volvo добро знае што прави и одлично реагира на фидбекот од автомобилските медиуми и купувачите. Иднината на електричните автомобили треба да се бара во малите, градски возила – и EX30 е доказот за тоа!

Спецификации

Модел: Volvo EX30 Twin Motor Performance AWD Ultra
Погон: Два електромотори, батерија 69 kWh, пренос кон сите четири тркала
Моќност: 428 коњски сили
Вртежен Момент: 543 Nm
Менувач: Автоматски, директен
Забрзување 0-100 км/ч: 3.6 секунди
Максимална Брзина: 185 километри на час
Должина: 4233 mm
Ширина: 2032 mm (со странични ретровизори)
Висина: 1549 mm
Тежина: 1960 килограми
Меѓуоскино Растојание: 2650 mm
Багажен Простор: 318 – 904 литри
Автономија: 460 километри според WLTP
360 километри (измерени)
Цена на основниот модел: Volvo EX30 Single Motor 51 kWh Core – 35.146 Евра
Цена на тестираниот модел: Volvo EX30 Twin Motor Performance AWD Ultra – 49.720 Евра
Повеќе Информации: Volvocars.mk

Фотографии



Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.