ПРЕМИЕРА: Наследникот на Lamborghini Huracan се вика Temerario и има 920 коњски сили! – CARclub.mk | #1 за Автомобилите full screen background image
Search

ПРЕМИЕРА: Наследникот на Lamborghini Huracan се вика Temerario и има 920 коњски сили!

Наследникот на Huracan го губи врескачкиот V10, но затоа добива хибриден 4-литарски твин-турбо V8 со безмалку 50% повеќе коњски сили!

Пред само неколку моменти, Lamborghini го претстави Temerario. Нов модел, ново име (кое на италијански значи Непромислен), нов мотор! Наследникот на Huracan добива нов, хибриден 4-литарски твин-турбо V8 кој (верувале или не) врти до неверојатни 10.000 вртежи во минута! Големиот, моќен турбо-бензинец самиот испорачува 800 коњски сили (160 коњски сили повеќе од Huracan Evo) како и моќни 730 Nm вртежен момент.

Дополнително, погонот добива уште три електромотори кои испорачуваат по 150 коњски сили. Два се поставени во предниот дел и му овозможуваат на Temerario да има погон на сите четири тркала (и во Citta режим на возење, Temerario е со погон на предните тркал), додека третиот е поставен меѓу бензинецот и менувачот и истовремено ја извршува функцијата на стартер-генератор и ја дополнува кривата на вртежен момент – што би значело дека погонот целосно го елиминира таканаречениот турбо-лаг.

Вкупната, системска моќност? 920 коњски сили и сè уште непотврден вкупен вртежен момент. Спринтот до 100 километри на час трае само 2.7 секунди, до 200 километри на час за околу 7 секунди, а максималната брзина е 343 километри на час!

Инаку, дизајнот е сличен на она кое веќе го видовме кај новиот Revuelto, но би рекле дека Temerario изгледа некако подостоинствено и поскладно. Ги нема сите оние непотребни детали и исфрлени елементи, туку Temerario е низок, широк автомобил, со дискретна агресивност и „набилданост“ која му прилега на едно Lamborghini.

Кабината е многу слична на Revuelto – дигитални инструменти, вертикало поставен централен мултимедијален уред и старт-копче скриено под поклопец како кај борбен авион. Секако, преовладуваат шестоаголните форми и супер-спортските детали кои се неизбежни кај едно Lamborghini. Достапни се неколку режими на возење – Citta, Strada, Sport Corsa и Corsa Plus.

Италијаните веќе најавуваат и други изведби на Temerario. Секако, наскоро ќе биде претставен и неизбежниот Spider, а можна е и полесна изведба со погон само на задните тркала. Нормално, ова е Lamborghini, па ќе има и мал милион можности за персонализација.

Поврзано:  Полицијата во Лондон заплени Ferrari Purosangue, Lamborghini Urus и 60-тина други возила за „анти-социјално возење“

 



Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.