Zeekr претстави нови батерии кои се полнат од 10% до 80% за само 10 минути! – CARclub.mk | #1 за Автомобилите full screen background image
Search

Zeekr претстави нови батерии кои се полнат од 10% до 80% за само 10 минути!

Кинескиот бренд им удри шлаканица на повеќето светски производители со новата батерија која се полни за само 10 минути!

Можеби најголемата несигурност која ја имаат купувачите со електричните возила е анксиозноста кога станува збор за автономијата. Но вистината е дека не е автономијата проблем, туку брзината на полнење. Па ако некој производител понуди батерија која се полни навистина брзо, тогаш навистина очекуваме купувачите да го надминат стравот.

И токму со Zeekr сме чекор поблиску до оваа нова реалност. Новата батерија е со капацитет од 75 kWh и се полни од 10 до 80% за само 10.5 минути, а со полнење кое би траело меѓу 10 и 15 минути се добива досег од над 500 километри. На видео кое го објави Zeekr се забележува максимална моќност на полнење од безмалку неверојатни 472 kW, додека новите V3 брзи полначи на Zeekr овозможуваат полнење со максимална моќност до 800 kW!

И уште поважно, ова не се батерии кои „ќе се вградуваат во идните модели на брендот“ ниту пак батерии кои „се очекува да пристигнат наскоро“. Ова се батерии кои веќе од идната седмица ќе се испорачуваат во новиот Zeekr 007 седан на брендот, кој станува најбрзо-полнечкиот електричен автомобил на светот. Секоја сличност со Џејмс Бонд е сосем случајна.

Инаку, Zeekr е бренд на кинескиот гигант Geely. Брендот официјално започна да испорачува автомобили во Октомври 2021 и веќе има испорачано над 300.000 возила. Тоа можеби не звучи како многу, но брендот има сериозни амбиции да стане глобален играч и веќе објави планови да стартува со продажба во Европа, Латинска Америка и други азиски пазари.



Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.