ТЕСТ: Toyota RAV4 Plug-In Hybrid Style – Најмоќниот и најефикасниот RAV4 – CARclub.mk | #1 за Автомобилите full screen background image
Search

ТЕСТ: Toyota RAV4 Plug-In Hybrid Style – Најмоќниот и најефикасниот RAV4

Со најновиот RAV4, Toyota конечно понуди плаг-ин хибридна опција на супер-популарниот SUV. Откако го постави и го доминираше сегментот, дали Toyota ќе го повтори успехот?

Добро го познаваме тековниот RAV4. Се има појавено на нашите страници во неколку различни конфигурации – и како чист бензинец, и како хибрид, а потоа и во неговата похрабра Adventure изведба. Сега го имаме во неговата најкомплицирана, најмоќна и можеби најефикасна конфигурација – опремен со плаг-ин хибриден погон кон испорачува повеќе од 300 коњски сили!

Моќен и ефикасен погон

Погонот на RAV4 Plug-In Hybrid (или RAV4 PHEV, да скратиме) го зема за основа истиот 2.5-литарски атмосферски бензинец кој испорачува 185 коњски сили и 227 Nm вртежен момент и кој веќе се вградува и во самополнечкиот хибриден RAV4.

Тој соработува со два електромотори кои испорачуваат дополнителни 55 и 180 коњски сили, односно 121 и 270 Nm вртежен момент и овозможуваат погон на сите четири тркала. Електромоторите се хранат од батерија со капацитет од 18.1 kWh, која пак според официјалните податоци овозможува автономија на струја до 75 километри во комбинирани услови, односно скоро 100 километри во град!

Вкупната, системска моќност на целиот погон е импресивни 306 коњски сили, и со тоа RAV4 PHEV е најмоќниот модел во европската понуда на Toyota. Ако ја исклучиме Supra, секако. RAV4 Plug-In Hybrid може да се полни со максимална моќност до 6.6 kW и тогаш полнењето трае меѓу 2.5 и 3 часа. На обичен, домашен приклучок полнењето трае околу 7 часа – но секако би ги полнеле батериите преку ноќ на евтината тарифа, така да тоа и не е толку важно.

И добро, што значи тоа преведено во перформанси? Ако зборуваме за оние стандардните бројки, забрзувањето до 100 километри на час трае само 6 секунди додека максималната брзина е 180 километри на час. Но не сме тука да зборуваме само за тоа, тука сме да зборуваме за современ, плаг-ин хибриден SUV.

Како и повеќето вакви возила, RAV4 Plug-in Hybrid стартува во чисто-електричен режим. Со полни батерии, индикаторот најавува автономија од околу 80 километри. За време на неколкудневното тестирање, успеавме во комбинирани услови поминеме нешто над 70 километри без воопшто да стартува бензинецот – а тоа е навистина импресивно. И всушност, тоа е поентата на ваквите возила – истражувањата покажуваат дека просечниот возач во Европа поминува околу 30 километри на ден, па ако дневните потреби не ги надминуваат можностите на батеријата (и имате можност редовно да го полните автомобилот, секако) – тогаш плаг-ин хибридниот RAV4 е идеалното семејно возило. Низ град (па и надвор од град) на струја, а кога ќе се „потроши струјата“ тогаш RAV4 се трансформира во добро-познатиот, супер-ефикасен SUV.

Поврзано:  RAV-X е робусна верзија на Toyota Rav4

Како? Па така – едноставно, батериите никогаш не се целосно испразнети. Во природата на RAV4 е цело време да ги дополнува, дали преку бензинскиот мотор, дали преку регенеративното сопирање – во батериите секогаш има останато барем нешто. А тоа овозможува бензинецот да работи полесно, со помалку товар и поефикасно. Тестиравме што ќе се случи ако го возиме RAV4 како конвенционален хибрид со „испразнета“ голема батерија и добивме потрошувачка која (во градски услови) не надмина 5 литри на 100 изминати километри.

Слично е и на автопат – плаг-ин хибридниот RAV4 може да вози на електрична енергија при брзини до 135 километри на час и кога е потребно да го активира бензинецот. Ако стартувате со полни батерии, очекувајте автопатска потрошувачка од околу 6-7 литри бензин на 100 изминати километри. И тоа не е воопшто лошо за голем, комфорен и моќен SUV.

Ова е брз SUV

И да, немојте да помислите поинаку – RAV4 е моќен SUV. Сите тие коњски сили и њутн-метри безмалку гарантираат самоуверено и моќно забрзување кога ќе ја притиснете педалата за гас длабоко во патосникот под неа. Дури и покрај не баш малата маса од 1930 килограми, RAV4 Plug-In Hybrid неуморно забрзува нанапред.

Дури и од свиок во свиок, каде димензиите и тежината се позабележливи, големиот плаг-ин хибриден SUV успева да остане неутрален и да го контролира навалувањето. Во ред, RAV4 никогаш не бил спортски-спортски SUV, но секогаш бил талентиран, компетентен и изненадувачки агилен. Дури и управувањето (во Sport режим, секако) е изненадувачки зборлесто. Не е толку комуникативно како кај некој спортски автомобил, но сепак влева доволно доверба во талентите на големиот SUV.

Поврзано:  RAV-X е робусна верзија на Toyota Rav4

Од сосем друг аспект – импресионира и рафинираноста. Дури и покрај големите тркала, суспензијата успева да ги исфилтрира повеќето нерамнини и само кратки, остри несовршености и големи дупки внесуваат немир во кабината. Вистината е дека плаг-ин хибридниот погон идеално му одговара на CVT преносот – наместо бензинецот да „вика“ кога силно ќе ја притиснете педалата за гас, сега потребата од вртежен момент е во голем дел задоволена од електромоторите па RAV4 PHEV е забележително помирен, поопуштен SUV.

RAV4 Plug-In Hybrid е RAV4 пред сè.

Инаку, ова и понатаму е RAV4. А тоа значи привлечен SUV со самоуверени, модерни дизајнерски линии кои одлично се прифатени од купувачите. Значи и квалитетна, комфорен кокпит со сите потребни технологии, современ мултимедијален уред и сите потребни системи за асистенција и безбедност.

А бидејќи е RAV4, значи и кофморна кабина со многу простор како на предните седишта, така и на задната клупа, како и голем багажник кој и покрај тоа поради батериите и електромоторите е помал од багажникот кај хибридниот RAV4, сепак нуди капацитет од 500 литри, односно 1600 литри со преклопена задни седишта.

Во однос на опремата, навистина немаме некакви посебни забелешки. Нашиот тестен модел дојде во врвното ниво на опрема кое се вика Style, кое меѓу другото вклучува и седишта обвиени во имитација од кожа (со загревање), JBL аудио-уред, 19-инчни тркала, повеќезонски клима-уред, 360-степенска камера, систем за навигација и многу, многу повеќе. Забелешки? Не ни се допаѓа дека поврзувањето со Apple CarPlay е безжично, но дека за Android Auto е потребно кабел.

Toyota е експерт за хибриди и Toyota го прави тоа што Toyota го прави најдобро.

И на самиот крај, каде нè остава сето ова. Toyota е експертот за хибридни автомобили. Всушност, докажаниот пристап на јапонскиот гигант и уверливиот квалитет на автомобилите направија луѓето кога ќе помислат на хибрид, да помислат на Toyota – а тоа е веќе вистински успех, но и сериозна одговорност. И тоа значи дека Toyota не смее да потфрли, особено не кај супер-популарен модел како RAV4.

Поврзано:  RAV-X е робусна верзија на Toyota Rav4

Па ајде да го одговориме прашањето. Дали Toyota, во обидот да го направи RAV4 поинтересен и помоќен, потфрлила? Апсолутно не. Toyota го направи тоа што Toyota го прави најдобро – а тоа е да извлече колку што може повеќе од своето глобално искуство и да понуди модел кој повторно ќе биде бенчмаркот. Моделот со кој ќе се споредуваат другите.

Спецификации

Модел: Toyota RAV4 2.5 Plug-In Hybrid e-CVT AWD-i Style
Мотор: 2.5-литарски атмосферски бензинец, 4 цилиндри + 2 електромотори
Системска Моќност: 306 коњски сили / 3500 вртежи во минута
Вртежен Момент (бензински мотор): 227 Nm / 3200 – 3700 вртежи во минута
Менувач: Автоматски безстепен CVT
Забрзување 0-100 км/ч: 6 секунди
Максимална Брзина: 180 километри на час
Должина: 4600 mm
Ширина: 1855 mm (без странични ретровизори)
Висина: 1685 mm
Тежина: 1925 килограми
Меѓуоскино Растојание: 2649 mm
Багажен Простор: 500 – 1600 литри
Потрошувачка: 5 литри на 100 километри (измерена, градска, со испразнета батерија)
Цена на основниот модел: Toyota RAV4 2.5 Hybrid Executive FWD 218  – 42.290 Евра
Цена на тестираниот модел: Toyota RAV4 2.5 Plug-In Hybrid e-CVT AWD-i Style – 60.990 Евра
Повеќе Информации: Toyota.com.mk

Фотографии



Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.