ПРЕМИЕРА: Новиот Chevrolet Corvette ZR1 има повеќе моќ од Bugatti Veyron! – CARclub.mk | #1 за Автомобилите full screen background image
Search

ПРЕМИЕРА: Новиот Chevrolet Corvette ZR1 има повеќе моќ од Bugatti Veyron!

Новиот Corvette ZR1 кон задните тркала испорачува 1064 коњски сили и 1123 Nm вртежен момент!

Ознаката ZR1 секогаш била посебна. Низ годините, Corvette (кај нас познат како „Корвета“) ZR1 секогаш бил модел на самиот врв на гамата, со моќен мотор и неверојатни перформанси. Chevrolet пред само неколку часа ја претстави најновата итерација на Corvette ZR1 – и повторно, значката е посебна.

Најважната новост доаѓа во форма на 5.5-литарскиот твин-турбо V8 (да, Corvette за прв пат добива мотор со турбо-полнење) кој кон задните тркала испорачува неверојатни 1064 коњски сили и 1123 Nm вртежен момент. Тоа е повеќе од 8-литарскиот квад-турбо W16 кој се вградуваше во Veyron, кој испорачуваше 1001 коњска сила!

Новиот мотор е базиран на постоечкиот LT6, но со доволно доработки за да заслужи нова ознака – LT7. Покрај надградените турбополначи, моторот има поголеми комори за согорување, нови глави, рекалибрирано палење и многу, многу повеќе. Интересно, од Chevrolet кажуваат дека има „интелигентни анти-лаг калибрации на моторот“ – ќе мораме самите да го пробаме ZR1 за да се увериме.

Дополнително, зајакнат е и 8-брзинскиот автоматски менувач со двојна спојка за да може да го издржи огромниот вртежен момент на моќниот мотор. Сето ова ветува импресивни перформанси – сега за сега, од Chevrolet не објавуваат конкретни бројки, но кажуваат дека предвидуваат максимална брзина од над 346 километри на час. Истовремено, напоменуваат дека очекуваат дека крајната брзина може да биде и повисока од тоа и дека нема да биде електронски ограничена.

Дизајнот е приличнно резервиран, како што и бил досега кај ZR1. Најзабележителната разлика е отворот во предниот поклопец, наменет за проток на воздухот низ предниот браник, преку интеркулер па надвор низ отворот на поклопецот. Со овој отвор дополнително ќе се „хранат“ турбополначите.

Секако, има и грст други измени – дополнителни отвори за воздух, карбонски аеро-додатоци и слично, како и split-window опција кај купето (достапен е и ZR1 Convertible). Од Chevrolet најавија и ZTK пакет, конструиран да го претвори Corvette ZR1 во вистински монструм на тркачките патеки – овој пакет вклучува и огромен заден спојлер.

Новиот Corvette ZR1 ќе пристигне на пазарот следната година. Секој момент го чекаме повиокот од Chevrolet, да одиме на интернационалната презентација.



Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.