Во Крагуевац стартуваше производството на новата Fiat Grande Panda – CARclub.mk | #1 за Автомобилите full screen background image
Search

Во Крагуевац стартуваше производството на новата Fiat Grande Panda

Денови по официјалната презентација на Grande Panda, во Србија официјално стартува и производството на новиот глобален модел на Fiat.

Во фабриката на Stellantis во Крагуевац – која своевремено беше фабриката каде се произведуваа автомобилите на Zastava – стартуваше производството на новата Fiat Grande Panda.

Првите примероци кои ќе излезат од фабриката ќе бидат пред-продукциски модели наменети за презентации и тестирање, додека финалните, сериски модели ќе започнат со производство за само два месеци и набргу потоа се очекуваат и во продажните салони. На официјалниот старт на производството го означија претседателот на Србија, Александар Вучиќ и претседателот на Stellantis, Carlos Tavares.

Како што веќе знаеме, Fiat Grande Panda е базирана на Smart Car платформата нa Stellantis (која ја дели со новиот Citroen C3 кој ние пред само неколку месеци го возевме близу Виена). Новата Grande Panda не е замена за постоечката Panda – таа и понатаму ќе се произведува бидејќи сè уште одлично се продава. Инаку, Grande Panda е важен дел од стратегијата на Stellantis, особено во обидот огромниот концерн на купувачите да им понуди достапни електрични и хибридни возила.

Ширум Европа, Grande Panda ќе се продава по цена од 24.900 Евра за електричната верзија, односно помалку од 19.000 Евра за хибридната верзија. Србија најави субвенции од 7.000 Евра за купување целосно-електрична Grande Panda.

На самиот старт, Fiat Grande Panda ќе се продава во Европа, за потоа да се нуди и на пазарите во Африка и Блискиот Исток. Сега за сега не е потврдено, но се очекува и има гласини декa Stellantis ќе ја понуди Grande Panda и во Јужна Америка.

Фотографии: president.rs / Димитрије Голл



Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.