Тркачкиот Xiaomi SU7 Ultra има 1548 коњски сили! – CARclub.mk | #1 за Автомобилите full screen background image
Search

Тркачкиот Xiaomi SU7 Ultra има 1548 коњски сили!

Целосно електричниот кинески автомобил со четири врати има моќност на која можат да подзавидат и некои хиперавтомобили.

Xiaomi тврди дека SU7 Ultra може да забрза од 0 до 100 километри на час за само 1,97 секунди (0,8 секунди побрзо од двомоторниот SU7 Max) и да достигне максимална брзина до 350 километри на час. Моделот доаѓа со три електромотори, чија вкупна комбинирана моќност изнесува 1.548 коњски сили! Од Xiaomi не кажаа каква батерија ќе користи SU7 Ultra, но во најлош случај може да ја очекуваме истата единица од 101 kWh како кај Max моделот.

Автомобилот добива надградени AP Racing сопирачки со шест клипови и зголемени вентилирани дискови. Од Xiaomi велат дека заедно со регенеративната сила на сопирање на електричните мотори, моделот може да произведе до 2,36G сила на сопирање. Со брзина од 350 километри на час, Ultra ќе произведува 2.145 килограми потисна сила, благодарејќи на огромното фиксно задно крило, масивен заден дифузер, отворени лакови и преден сплитер.

Ultra засега постои само како прототип верзија, иако Xiaomi планира набрзо да го пушти на тестирање на германскиот Nürburgring. Целта таму ќе биде да се победи ланското време од од 7 минути, 7 секунди и 55 стотинки на Porsche Taycan Turbo GT.

 

 



Автомобилски ентузијаст преку ден, DJ преку ноќ!