Еден по еден, автомобилските производители ги менуваат своите планови за премин кон целосно-електрични возила. Во изјава за Autocar, челникот на Model E дивизијата за електрификација на Ford изјави дека американскиот бренд ги менува плановите.
Силниот притисок под кој се најдоа многу од производителите да преминат кон целосно-електрични возила резултираше со амбициозни планови – кои по сè изгледа не беа баш втемелени во реалноста. Во изјава за Autocar, Marin Gjaja кој е на чело на Model E дивизијата за електрификација на Ford потврди дека Синиот Овал ги менува плановите.
„Мислам дека купувачите гласаа, и ни кажаа дека планот беше преамбициозен“ – изјави тој, и уште поважно, додаде дека „Сега веќе не гледаме дека трансформацијата кон целосно-електрични возила во Европа до 2030 е добар избор за нашиот бизнис, но уште поспецифично, за нашите купувачи.“
Ford веќе потврди дека има нови планови за фабриката во Валенсија. Планот беше дека кога ќе заврши производството на тековната Puma, фабриката ќе доживее трансформација кон производство на целосно-електрични возила. Но сега се очекува дека ќе се произведува модел со повеќе погонски опции. Gjaja кажа дека сè уште не е донесена финална одлука, но дека „мулти-енергетски пристап ни дава најдобра шанса за успех со оглед на европскиот пазар и до каде е прифаќањето на електричните возила“.