Дали новите Panamera Turbo S E-Hybrid и Panamera GTS се најдоброто од спортскиот седан на Porsche? – CARclub.mk | #1 за Автомобилите full screen background image
Search

Дали новите Panamera Turbo S E-Hybrid и Panamera GTS се најдоброто од спортскиот седан на Porsche?

Новата Panamera GTS се фокусира на возачкото искуство и перформансите, додека доминантната Panamera Turbo S E-Hybrid е најмоќната Panamera во историјата и импресионира насекаде – од отворениот пат, па сè до тркачките патеки.

Двете нови изведби на Panamera ја користат најновата итерација на 4-литарскиот би-турбо V8 на Porsche кој веќе се користи кај Panamera Turbo E-Hybrid. Овој V8 веќе ги задоволува најстрогите еко-норми, но сега е надграден да испорачува уште повеќе перформанси. Кај Panamera Turbo S E-Hybrid, 4-литарскиот V8 испорачува 600 коњски сили, но соработува со електромотор интегриран во куќиштето од менувачот кој испорачува дополнителни 190 коњски сили.

Сега, вкупната системска моќност е 782 коњски сили и вкупно 1000 Nm вртежен момент. Резултат на сите тие големи бројки? Спринт до 100 километри на час за безмалку неверојатни 2.9 секунди, како и максимална брзина од 325 километри на час. Истовремено, Panamera Turbo S E-Hybrid има и голема батерија со капацитет од 25.9 kWh која овозможува автономија на електрична енергија до 88 километри (според WLTP), а преку вградениот полнач со моќност од 11 kW, батеријата се полни за околу 2 часа и 40 минути.

И немојте да мислите дека сите тие перформанси се само за чаршиски муабети. Panamera веќе постави нов рекорд – со тест-возачот Ларс Керн зад управувачот, Panamera Turbo S E-Hybrid постави време на Nurburgring Nordschleife од 7:24.172. Со ова време, Porsche постави рекорд во топ-класата за мотори со внатрешно согорување и хибриден погон, а рекордот е подобрен за скоро 4 секунди!

Сега новите Panamera Turbo и Panamera Turbo S E-Hybrid ќе можат да се нарачаат со препознатлив карбонски аерокит кој вклучува аеро лајсни, странични прагови и карбонски заден дифузер. Овој аерокит го оптимизира протокот на воздухот околу големиот луксузен седан и придонесува кон уште подобри перформанси.

Поврзано:  ПРЕМИЕРА: Porsche 911 Turbo 50 Years Edition во чест на 50 години Turbo!

Но ако Panamera Turbo S E-Hybrid е најмоќната Panamera, тогаш Panamera GTS (со значително поедноставна значка) е најагилната Panamera. Оваа верзија добива специјално нагодена шасија, SportDesign пакет и спортски ентериер. Истовремено, го добива и моќниот 4-литарски битурбо кој во оваа конфигурација испорачува 500 коњски сили, а целиот систем овозможува спринт до 100 километри на час за 3.8 секунди имаксимални 302 километри на час. Panamera GTS стандардно доаѓа со специјално-развиен спортски издувен систем кој е тјуниран да создаде и испорача моќен, емотивен звучен потпис.

Panamera GTS добива специјална калибрација оза PASM системот, а со тоа суспензијата е пониска за 10 милиметри. Сето ова е во насока на подиректно, поемотивно возачко искуство, а PTV Plus системот обезбедува идеално распределување на вртежниот момент кон тркалата каде е најпотребен и најкорисен.

Секако, Panamera GTS мора да има и препознатливи детали – па таа добива црни GTS ознаки, затемнети HD Matrix LED светла, црвени шепи на сопирачките и уште неколку детали. Можеби најзабележлив елемент се огромните 21-инчни Turbo S тркала во Anthracite Grey сива боја.

Од Porsche Center Skopje информираат дека новите Panamera Turbo S E-Hybrid и Panamera GTS се веќе достапни за нарачка.



Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.