До крајот на годината дури шест модели на Jaguar официјално ќе престанат со производство. Останува само F-Pace, но Jaguar веќе забрзано работи на трансформацијата кон поексклузивен, поскап производител.
Reimagine стратегијата на Jaguar беше најавена пред нешто повеќе од три години и најконтроверзната точка од тој план беше токму одлуката Jaguar да се трансформира во целосно-електричен бренд до 2024. И во време кога многу други производители ги менуваат ваквите планови, Jaguar не се откажува од амбициите. И токму во тој контекст, претставник на Jaguar во интервју за Automotive News Europe потврди дека до крајот на оваа година, Jaguar ќе пензионира дури шест различни модели.
А изјавата пренесува информација директно од Adrian Mardell, моменталниот главен извршен директор на Jaguar. Тој на инвеститорите во Jaguar им потврдил дека седаните XE и XF, караванската изведба на XF, спортскиот F-Type, помалиот SUV E-Pace и електричниот I-Pace ќе бидат пензионирани. Според него, овие автомобили не заработуваат и дека се „блиску до нула профитабилност“.
Тоа значи дека во понудата ќе остане само F-Pace – големиот SUV кој воедно е и бест-селер и најпрофитабилен модел на Jaguar. Сепак, дури и неговите денови „се бројат“ како што се наближува 2025 и интензивно се работи на стратегијата за целосна електрификација. Веќе во текот на оваа година се очекува Jaguar да претстави концепт кој ќе ги најави идните модели и идниот дизајнерски јазик на брендот.
Што можеме да очекуваме? Според најавите, големо Grand Touring возило кое би чинело повеќе од 100.000 Евра, како и голем SUV кој би пристигнал во следната година или две. Желбата на Jaguar е да се трансформира во бренд кој ќе продава помалку, но поскапи и попрофитабилни автомобили и да се натпреварува со брендовите како Bentley. Со таа цел, Jaguar ќе ги искористи својата богата историја и огромното наследство кое го има за целосно да се репозиционира на пазарот.
Секако, не е сè само во историјата и наследството. Покрај тоа што JLR сака Jaguar да продава помалку од 50.000 автомобили годишно (и со тоа да се обезбеди и задржи ексклузивноста), сите идни модели ќе бидат изградени врз новата платформа која го носи името JEA и која е во старт е развиена да биде со продолжено меѓуоскино растојание. Се очекува дека платформата ќе обезбеди и ултра-модерни технологии како погон на сите четири тркала, управување на задните тркала, супер-брзо полнење, грст системи за асистенција и автономно возење и многу, многу повеќе.
Се најавува и свеж дизајнерски јазик каде фокусот е кон минимализам и „помалку е повеќе“ пристап кон нештата. Според некои познавачи, новите модели воопшто не наликуваат на сегашните модели со внатрешно согорување. Дали тоа е добро или не, останува да видиме – бидејќи седанот XE е можеби најубавиот седан кој во моментов е нуди на пазарот.