MG го претстави новиот HS – CARclub.mk | #1 за Автомобилите full screen background image
Search

MG го претстави новиот HS

MG го искористи овогодинешниот Goodwood Festival of Speed за да го претстави целосно-новиот HS кој ќе биде достапен со бензински или плаг-ин хибриден погон.

Во ред, во ред, можеби Goodwood Festival of Speed не е местото каде би очекувале да биде претставен нов хибриден SUV, но барем покажува дека луѓето од MG навистина веруваат во својот продукт. Новата, втора генерација на големиот SUV на MG доаѓа со подинамичен и поагресивен дизајн, уште поголема кабина и нов, плаг-ин хибриден погон кој навистина ветува многу.

А што ветува? Па новиот плаг-ин хибриден MG HS (кој овој пат ќе го носи суфиксот PHEV) комбинира 1.5-литарски бензинец кој испорачува 142 коњски сили со уште помоќен електромотор кој испорачува дополнителни 209 коњски сили, а се напојува од батерија со капацитет од 24.7 kWh.

Според MG, оваа верзија достигнува 100 километри на час за повеќе од респектабилни 6.8 секунди, а може да помине до 121 километар на електрична енергија. Ќе биде достапна и бензинска верзија со 1.5-литарски турбо-бензинец кој испорачува 169 коњски сили и 275 Nm вртежен момент, кој пак ќе може да се комбинира со шест-степен манулен или 7-брзински автоматски менувач.

Новиот HS е долг 4670 милиметри и широк 1890 милиметри, а меѓуоскиното растојание е 2765 милиметри – а сето тоа ветува комфорна и практична кабина. Од MG најавуваат дека HS комфорно ќе смести петмина и ќе им понуди багажен простор со капацитет од 507 литри. Истовремено, најавуваат дека кабината ќе добие и 12.3-инчни екрани, безжично полнење, аудио систем со 8 звучници, цела гама на системи за асистенција и многу, многу повеќе.

Новиот HS се очекува да биде достапен наскоро.



Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.