Хрватската компанија постои веќе 15 години и во таа чест ќе произведат 9 ексклузивни примероци од Nevera 15th Anniversary Edition.
Само 9 примероци од Nevera 15th Anniversary Edition ќе бидат произведени, а првиот автомобил е веќе претставен. Карактеристична за него е спектакуларната мат бакарна боја на екстериерот.
Од Rimac кажуваат дека оваа боја е „специјално направена поради нејзината поврзаност не само со време на славење, туку и со енергијата, како и практичните примени како материјал кој е најмногу користен за електрични кабли.“ Истовремено, ова е и прв примерок на Nevera во некаква мат боја, а добива и карбонски сплитер, двобојни тркала, специјални ознаки, итн.
Кабината исто така добива детали во оваа спектакуларна боја, но и анодизирани прекинувачи и специјални седишта со бронзени детали и наслони за главите со извезени „15“ логоа. Инаку, Nevera 15th Anniversary Edition го има истиот погон како и „обичната“ Nevera – а тоа значи огромен батериски модул со капацитет од 120 kWh, четири електромотори и погон на сите четири тркала и вкупно 1914 коњски сили.
За сето ова ќе треба да платите најмалку 2.350.000 Евра, но затоа ќе ги добиете сите додатоци кои се достапни за Nevera – на пример, ќе добиете и специјален сет куфери. Nevera 15th Anniversary Edition официјално ќе дебитира на Goodwood Festival of Speed, а зад управувачот ќе биде никој друг, туку Мате Римац.