ПРЕМИЕРА: Ford Capri се враќа во форма на електричен купе-SUV – CARclub.mk | #1 за Автомобилите full screen background image
Search

ПРЕМИЕРА: Ford Capri се враќа во форма на електричен купе-SUV

Името Capri кај многумина ќе евоцира спомени, но за новите генерации, Capri ќе биде нешто сосем поинакво.

Ford настапува храбро и сигурно ќе налути многумина – синиот овал одлучи да го воскресне името Capri кое порано беше наменето за спортско купе и да го постави на електричен купе-СУВ кој има до 340 коњски сили.

Capri е поставен на MEB платформата на Volkswagen (која Ford веќе ја искористи за новиот Explorer), но целиот автомобил е темелно преработен за да биде сосем поинаков и веднаш да асоцира на Ford. Explorer е замислен да биде практичен семеен SUV, додека Capri цели да биде подинамичен, позабавен и помладешки.

Во превод, тоа значи дека Capri добива засебен визуелен идентитет и не е само купе-верзија на Explorer. На предниот дел забележуваме широки предни светла споени во едноделен црн елемент кој дефинитивно асоцира на стариот Capri. Профилот е интересен и робустен, со нагласено-купеовска форма на кровот и остар, безмалку вертикален заден дел.

Кабината добива вертикално-поставен мултимедијален уред позади кој се крие скриен простор за складирање ситници, привлечни спортски седишта и управувач со интересен ретро-детаљ – мали дупчиња во еден од краците кои асоцираат на спортските управувачи од минатото.

Инаку, Capri е достапен со батерија со капацитет од 77 kWh доколку одберете погон на задните тркала, или пак 79 kWh доколку одберете погон на сите четири тркала. Доколку ја одберете првата опција ќе добиете електромотор со моќност од 286 коњски сили и спринт до 100 километри на час за 6.4 секунди. Поголемата батерија во комбинација со два електромотори има на располагање вкупно 335 коњски сили и забрзува до 100 километри на час за 5.3 секунди. Во зависност од конфигурацијата, ќе можете да поминете до 627 или 592 километри (според WLTP) пред да треба да најдете полнач.

Кога сме кај полнењето, основниот Capri се полни со максимална моќност од 135 kW, додека помоќниот може да се полни до максимални 185 kW. Полнењето од 10 до 80% наполнетост трае 28, односно 26 минути.

Поврзано:  Новиот Ford Mustang GT пристигна во Македонија!

 



Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.