Новата Kona е дизајнирана вон сите правила, но како тоа влијае на целиот автомобил? Го возевме новиот кросовер на Hyundai опремен со 1.6-литарски турбо-бензинец со безмалку 200 коњски сили!
Првата генерација Kona беше вистински хит за Hyundai и можеби токму со Kona, Hyundai ги официјализираше своите вистински амбиции. Kona започна како обичен кросовер, но понатаму доби и електрична и хибридна изведба, доби спортска N-Line верзија, па дури и Kona N со еден куп екстра коњски сили. Hyundai сака да го повтори успехот, па новата Kona треба да биде навистина, навистина исклучителна.
Kona изгледа поларизирачки
Првото кое се забележува е секако дизајнот. Во најмала рака, Kona изгледа поларизирачки. За време на тестирањето добивме и позитивни и негативни реакции, но сепак вистината е дека Kona не е за секого. И тоа е добра работа. Ако мораме накратко да го опишеме дизајнот би рекле дека изгледа некако ретро-футуристички. Односно, изгледа ретро како некој да замислувал нешто футуристички во средината на 80-тите години. И има силни Robocop vibes. Нам ни се допаѓа, освен тркалата кои дефинитивно треба да бидат поголеми.
Зошто Robocop? Па широкото дневно светло на предниот дел дефинитивно ни наликува на шлемот на металниот борец со криминалот во Делта Сити. И секако, ќе го игнорираме римејкот на филмот од пред неколку години. Но несомнено, предниот дел на Kona е широк а тенкото дневно светло поставено над светлата кои се „исфрлени“ во крилата само ја нагласува „хоризонталноста“ на дизајнот на корејскиот SUV и во нашите очи навистина наликува на Robocop.
Слично е и со профилот на Kona – забележуваме комплексни прекршени линии и површини, но и интересна остра дијагонална линија од предното до задното тркало. Всушност, поради црниот кров и црните елементи околу тркалата Konа изгледа како да е склопена од два различни автомобили и како едниот неуспешно се бори да се одвои од другиот. На прв поглед можеби е малку конфузно, но кога ќе загледаме повнимателно, сето тоа е успешно интегрирано.
На задниот дел, повторно едноделен светлосен елемент и примарни светлосни групи интегрирани во задниот дел на крилата. Интересен детал е задното стоп светло кое е поставено високо во задниот спојлер, а тенкиот светлосен елемент ѝ дава на Kona поширок, посамоуверен став и повторно ги нагласува хориознталните линии.
Како што рековме, Kona нема да биде по сечиј вкус – но дизајнот е храбар и одлично би ѝ прилегале и похрабри бои. Секако, веќе рековме дека многу подобро би изгледала и со поголеми и поинтересни тркала.
Комфорна, практична и паметна кабина.
Од друга страна, во кабината просторноста и практичноста се на прво место, но веднаш зад нив се технологиите и напредните системи за асистенција. Ја отвораме вратата и нè пречекуваат дигитални инструменти кои се соединети со централниот мултимедијален уред во голем едноделен панел. Дигиталениот панел е поставен на основа со нагласени хоризонтални линии за да се истакне чувството на просторност во кабината.
Двата екрани се со дијагонала од 12.3 инчи и се со прилично висока резолуција, a Hyundai посветиле многу внимание на интерфејсот и лесното користење. И навистина, немаме забелешки – системот реагира брзо и без никакво забележливо доцнење, овозможува многу персонализација, а секако тука е и безжичното Android Auto и Apple CarPlay поврзување.
Под централниот мултимедијален уред се наоѓаат физичите контроли за аудио-системот и клима уредот, а под нив се наоѓаат USB-приклучоците и 12-волтниот приклучок. Веднаш под тоа е просторот со вграден безжичен полнач за мобилен телефон кој пак се наоѓа врз копчињата за загревањето на седишта и селекторот за режим на возење.
Нешто недостасува? Па да – недостасува контролерот за менувачот кој кај која е преместен на управувачкиот столб – слично како кај електричниот Hyundai Ioniq 6 кој го возевме минатата година. Најзначајната придобивка од ова е ослободениот простор на гребенот меѓу возачот и совозачот, како и зголемената практичност – контролерот е едноставно при рака.
Инаку, кабината е навистина комфорна и просторна. Kona е забележително поголема во однос на минатата генерација, а тоа се отсликува на просторната понуда на задната клупа, но и на капацитетот на багажникот. На задната клупа лесно и комфорно ќе се сместат двајца (дури и повисоки) патници, а багажникот кој е со прилично правилна форма е достапен преку голема петта врата и е со капацитет од респектабилни 407 литри, односно над 1240 литри со преклопени задни седишта.
Ергономијата во Kona е навистина добра. Лесно се наоѓа комфорна и прегледна возачка позиција, инструментите се лесни за разбирање и брзо се навикнавме на сите различни контроли и прекинувачи. Да, на некои ќе им биде малку збунувачко позиционирањето на контролерот за менувачот – но на тоа ќе се навикнат навистина брзо и ќе ги согледаат придобивките. Квалитетот на материјалите е воглавно во ред и само во пониските региони забележавме поцврсти пластики.
1.6-литарски турбо-бензинец, скоро 200 коњски сили и „стотка“ за 7.8 секунди!
Сега веќе можеме да зборуваме за моторот. Нашата Kona дојде опремена со 1.6-литарски турбо-бензинец кој испорачува одлични 198 коњски сили при 6000 вртежи во минута и 265 Nm вртежен момент достапни од 1600 па сè до 4500 вртежи во минута. Силата ја пренесува кон предните тркала преку 7-степен DCT автоматски менувач со двојна спојка, а резултат на оваа комбинација е спринт до 100 километри на час за 7.8 секунди и максимални 210 километри на час.
Турбо-бензинецот работи прилично мазно и реагира подготвено на секое притискање на педалата за гас, особено во Sport режим. Во овој режим менувачот „ги држи“ вртежите за да го извлече максимумот и да понуди перформанси кои дури можат да се опишат и како спортски. Од друга страна, префрламе во Normal и Kona се опушта и се смирува – менувачот мазно и неприметно ги менува брзините а калибрацијата на педалата за гас наметнува поопуштено, посмирено возење.
Eco режимот е уште посмирен, замислен да ја извлече максималанта ефикасност од Kona. Потрошувачка? За време на неколкудневното дружење со Kona измеривме просечна потрошувачка која се движеше меѓу 8 и 9 литри бензин на 100 изминати километри во град, односно меѓу 7 и 8 литри на отворено.
Одлично се снаоѓа низ град и комфорно крстосува на автопат, но не се плаши од свиоци!
Kona се покажа и како одличен крстосувач на автопат. На автопатски брзини во кабината е тивко и смирено и лесно се разговара со сопатниците. Но она што е уште поимпресивно е дека Kona не се „распаѓа“ ни кога ќе ја насочите кон свиоци. Во ред, во ред – Kona не е спортски SUV (иако тука е поспортската Kona N-Line, а неизбежно во иднина ќе видиме и нова Kona N), но се препознаваат гените кои имаат нагласено-динамични квалитети.
Од свиок во свиок, дури ни повисокото растојание од подлогата не ја „збунува“ Kona и таа верно ги следи насоките од управувачот. Браво!
Kona порасна.
Kona порасна, а Hyundai уште еднаш покажува дека со кршење на постоечките правила може на пазарот да се донесе автомобил кој ќе изгледа интересно, ќе биде забавен за возење но истовремено и доволно комфорен и практичен за целото семејство. Hyundai има интересна традиција да не остава „семејни врски“ меѓу две генерации на еден ист модел – и тоа повторно го прави со Kona. Новата Kona воопшто не наликува на минатата. И немојте да нè разберете погрешно, не дека минатата Kona беше лош автомобил, напротив. Но новата Kona е веќе во сосем друга категорија.
Спецификации
Модел: | Hyundai Kona 1.6 T-GDI Premium 2WD 7DCT |
Мотор: | 1.6-литарски турбо-бензинец, 4 цилиндри |
Моќност: | 198 коњски сили / 6000 вртежи во минута |
Вртежен Момент: | 265 Nm / 1600 вртежи во минута |
Менувач: | Автоматски со двојна спојка, 7 брзини |
0-100 км/ч: | 7.8 секунди |
Максимална Брзина: | 210 километри на час |
Должина: | 4350 mm |
Ширина: | 1825 mm (без странични ретровизори) |
Висина: | 1580 mm (1610 mm со кровните носачи) |
Тежина: | 1360 килограми |
Меѓуоскино Растојание: | 2660 mm |
Багажен Простор: | 407 – 1241 литри |
Потрошувачка: | 9 литри на 100 километри (измерена, градска) |
Цена на основниот модел: | Hyndai Kona 1.0 T-GDI Style 2WD M6 – 29.900 Евра |
Цена на тестираниот модел: | Hyundai Kona 1.6 T-GDI Premium 2WD 7DCT – 34.500 Евра |
Повеќе Информации: | Hyundai Македонија |