Самото име кажува за што се работи – новиот Defender добива моќен V8 кој обезбедува спектакуларни перформански, како на пат, така и надвор од асфалтот!
Од Land Rover кажуваат дека Defender Octa има решителни перформанси – а ние мораме да се согласиме. Под поклопецот се крие 4.4-литарски бензински твин-турбо V8 кој испорачува 635 коњски сили и 750 Nm вртежен момент (односно дури 800 Nm при Launch Control) – доволни да го катапултираат супер-моќниот супер-теренец до 100 километри на час за рамно 4 секунди, како и да достигне максимални 250 километри на час.
Defender Octa има зголемено растојание од подлогата за цели 28 милиметри во однос на „обичните“ изведби на Defender, но истовремено е и цели 68 милиметри поширок. Има зајакнати делови од суспензијата кои овозможуваат подобрена артикулација на тркалата, но ја добива и новата 6D Dynamics суспензија на Land Rover.
Оваа суспензија користи поврзани полу-активни амортизери кои се континуирано варијабилни. Од Land Rover кажуваат дека оваа суспензија го намалува навалувањето при кочење и забрзување, како и навалување во свиоци кога се вози на пат, а истовремено го подобрува движењето на тркалата при теренско возење.
Истовремено, Defender Octa добива и нов режим за возење кој се вика… OCTA. Овој режим овозможува Launch Control лансирање и на теренски услови, а системот за контрола на сопирањето е доработен за да биде поефикасен на нерамен терен и на површини со помалку триење. Секако, тука се и постоечките режими на возење кои Defender веќе ги има.
Инаку, Defender Octa има навистина самоуверен лик. Благодарение на огромните, 33-инчни Goodyear Advanced All-Terrain пневматици и исфрлените крила, Defender Octa изгледа навистина робустно, па дури и драматично. Добива и ревидиран преден лик, како и нов заден браник со четири завршетоци на издувниот систем. Сите примероци ќе добијат двобојна каросерија со кров во Narvik Black боја.