ПРЕМИЕРА: Освежениот Golf R има 333 коњски сили! – CARclub.mk | #1 за Автомобилите full screen background image
Search

ПРЕМИЕРА: Освежениот Golf R има 333 коњски сили!

Volkswagen го заокружува освежувањето на целата гама на Golf со новиот Golf R кој покрај тоа што има 333 коњски сили, може да има максимална брзина до 270 километри на час!

Освежениот Golf R добива дискретно редизајнирани предни светла, и изменет браник со поголеми отвори за воздух – но и осветлено предно Volkswagen лого. Профилот добива странични ретровизори од матиран хром, поагресивни странични прагови и нови дизајни за тркалата (кои можат да бидат со дијаметар од 18 или 19 инчи). Задниот дел добива редизајнирани задни светла и агресивен заден дифузер, а тука се и големиот заден спојлер и агресивниот издувен систем кој според Volkswagen е доразвиен за да ги нагласи спортските гени на моделот.

Golf R повторно може да се добие со издувен систем од Akrapovič, а може да се нарачаат и еден куп други додатоци – IQ.Light Matrix LED светла, задни 3D LED светла, а тука е и Golf R Black Edition со затемнети светла, црни логоа и црни додатоци (тркала, клешти на сопирачките, итн). Ние бидејќи не сме фанови на црни-црни возила – најверојатно не би го одбрале овој пакет.

Кабината на Golf R го добива новиот 12.9-инчен инфозабавен систем, како и новиот 10.2-инчен дигитален инструмент-панел со G-мерач и мерач за на тркачка патека. IDA гласовниот асистемт сега има пристап дo ChatGPT.

Но секако, вистинската поента на Golf R е погонот. Golf R го задржува 2-литарскиот турбо-бензинец со четири цилиндри, но тој е сега надграден за преку автоматскиот менувач кон сите четири тркала да испорачува 333 коњски сили и 420 Nm вртежен момент. Благодарение на сето ова, Golf R достигнува 100 километри на час за само 4.6 секунди, како и да достигне максимални 250 километри на час.

Поврзано:  СУПЕР-ТЕСТ: Volkswagen Golf GTE 245 - Со ПХЕВ на годишен одмор?

Нарачајте го Performance Package и максималната брзина расте на 270 километри на час, а ќе добиете и уште два режими на работа – Drift и Special. Drift режимот е очигледен, а Special режимот е оптимизиран за врвни перформанси на Nurburgring.

 



Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.