Новиот Peugeot 3008 пристигна во Македонија! – CARclub.mk | #1 за Автомобилите full screen background image
Search

Новиот Peugeot 3008 пристигна во Македонија!

Најновата генерација на супер-успешниот SUV на Peugeot пристигна во Македонија!

Откако неодамна го возевме електричниот Е-3008 околу Кан, сега со задоволство можеме да пренесеме дека новиот SUV на Peugeot пристигна во Македонија. Новиот 3008 во моментов е достапен со електричен или хибриден погон, а Peugeot најави дека во иднина ќе биде лансиран и со плаг-ин хибридна погонска опција.

Моделот кој ние го возевме околу Кан носи батерија со капацитет од 73 kWh и се комбинира со електромотор кој испорачува 210 коњски сили и 343 Nm вртежен момент. Силата ја пренесува кон предните тркала, а сето ова овозможува забрзување до 100 километри на час за 8.8 секунди и максимални 170 километри на час.

Понатаму во понудата ќе се најде верзија со истата батерија, но со два електромотори, погон на сите четири тркала и вкупно 320 коњски сили, како и Long Range веријанта со погон на предните тркала, нијанса помоќен електромотор со 231 коњска сила и поголема батерија со капацитет од 98 kWh. Токму оваа верзија ветува дека ќе може да помине 700 километри со полни батерии.

Бензинската понуда е во форма на новиот лајт-хибриден 1.2 Puretech со 136 коњски сили кој секако се комбинира со автоматски менувач и ја пренесува силата кон предните тркала. Очекуваме дека токму оваа верзија ќе биде најинтересна за македонските купувачи, но сепак се надеваме дека некој ќе се охрабри и ќе се одлучи за електричен Е-3008, за да го види францускиот SUV во вистинско светло.

Инаку – како што веќе пишувавме – Peugeot прави вистински исчекор со новиот 3008. Од конвенционален SUV го трансформира во поинтересен, подинамичен Fastback SUV каде покрај практичноста, многу внимание е посветено и на стилските елементи, супер-модерниот дизајн и неконвенционалните форми и линии.

Во кабината доминира новиот i-Cockpit каде главниот акцент е на 21-инчниот лебдечки дигитален дисплеј одделен во две целини – едната наменета за инструментите, поставена пред возачот а другата наменета за инфозабавниот уред, мултимедијата, навигацијата и клима-уредот. Под овој огромен закривен екран се најновите дигитални i-Toggles, а лево од нив се старт-копчето и прекинувачот за преносот. Сето тоа е наменето за полесно и поефикасно користење.

Поврзано:  ТЕСТ: Peugeot 3008 1.2 MHEV 136 GT - Поинаков SUV.

Секако, наскоро ќе го возиме новиот 3008 и на домашен терен и ќе имаме можност да го пробаме и со хибридниот погон. Во меѓувреме, за повеќе информации можете да ја посетите официјалната веб-страница на Peugeot или пак да посетите еден од салоните на Еуроимпекс.



Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.