Македонска премиера на новиот Kia Sorento – CARclub.mk | #1 за Автомобилите full screen background image
Search

Македонска премиера на новиот Kia Sorento

Kia подготви толку темелно освежување за Sorento, што дури можеме да кажеме дека се работи за целосно-нов модел – и новото Sorento од денес е достапно во Македонија.

Пред презентацијата на новиот Sorento, домаќините од KIA ни подготвија едно кратко патување низ неколкуте генерации на Sorento – па можевме да видиме неколку изложени модели кои одлично ја прикажуваат трансформацијата на Sorento од „старошколски“ теренец во современ, луксузен SUV.

Новиот Sorento со себе ја носи и најновата интерпретација на дизајнерскиот јазик на Kia. Како што веќе напишавме кога Kia за прв пат го покажа освеженото Sorento, надворешните промени на новиот Sorento се насочени кон модерниот третман на светлосните групи, кои преземаат инспирација големиот EV9.

Дневните LED светла се сега значително подоминантни a фаровите се потенки и помалку наметливи. Предната решетка делува подинамично заради нагласената вертикалност, додека профилот на браникот е видливо зголемен. Задните промени се посуптилни, со доминација на минималистичките стоп светла.

Во кабината се забележува интензивно модернизирање. Големиот, 12.3-инчен дисплеј едноставно доминира, а дел од него е и најновиот оперативен систем на Kia. Секако, за Kia е екстремно значајно наклонувањето кон премиум сегментите, па Sorento едноставно изобилува со квалитетни материјали и внимателно-одбрани детали. Sorento доаѓа со седум седишта.

Заоблениот екран и екранот на допир со повеќе режими создаваат чувство на висока технологија и модерност. Рачката на менувачот (shift by wire) е редизајнирана, додека црната облога на покривот, металните педали и панорамскиот покрив му даваат на новиот Sorento технички, храбар и модерен изглед.

Во однос на погонските единици, од Kia гордо кажуваат дека Sorento е симбол на рамнотежа кој нуди безбедно, сигурно и опуштено возење. Потенцираат дека Sorento е ориентиран кон максимална релаксација, а во таа насока се и електрифицираните, ефикасни погонски единици. Sorento е достапен со дизел, или хибридни и плаг-ин хибридни погони.

Поврзано:  Македонска ренесанса на Kia Picanto!

Sorento Plug-in Hybrid доаѓа со 1.6-литарски T-GDI мотор и батерија од 13.8 kWh поврзана со шестстепен автоматски менувач (6AT). Стандардно доаѓа со погон на 4 тркала. Понатаму, Sorento Hybrid доаѓа со истиот 1.6 T-GDI мотор, но со батерија од 1.49 kWh, исто така во комбинација со 6AT и достапна со 2WD или 4WD.

Kia и понатаму ќе го нуди Sorento со турбодизел – а тука е 2.2-литарскиот турбодизел кој се комбинира со 8-брзински DCT менувач со двојна спојка кој може да се комбинира со погон на две или на сите четири тркала.

Новиот Sorento веќе може да се погледне во салонот на Kia во Скопје.



Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.