Дали би купиле половен автомобил знаејќи дека има сериозно нарушување на структурниот интегритет? Ни ние.
Еден ден одлучувате да купите користен автомобил. Го наоѓате автомобилот кој Ви се допаѓа, сопственикот ве убедува дека е здрав-прав, никогаш не е удрен, баба го возела, итн…
Го купувате автомобилот, го возите одредено време и еден ден удирате камен со големина на тупаница. Покрај тоа што ви се дупнува гума, се случува и уште нешто…
Да, токму тоа што го гледате на фотографиите – А-столбот е пукнат и низ пукнатината се гледаат неколку милиметри кит, а под китот корозија. Самиот автомобил искривен до степен ветробранското стакло да е излезено од своето лежиште.
Но зошто? Можеме само да претпоставуваме, но логиката кажува автомобилот имал сериозна незгода и дека или е сменет кровот на автомобилот, или самиот автомобил е склопен од 2-3 различни возила. Секако – неквалитетно. Да, ова е во Македонија и ова е случај кој го пријави член на нашиот форум кој ни дозволи да ги објавиме фотографиите и деталите околу случката.
Само сакаме да биде јасно – ова не е автомобил кој е безбеден и кој е структурно здрав. Ова е автомобил кој не би требало да биде на улиците – а сигурни сме дека (за жал) има многу вакви. Поентата ни е – бидете внимателни и „отварајте очи пет банки“ кога гледате користен автомобил. Навистина не знаете што се крие одоздола.