ВОЗЕВМЕ: Го возевме новиот Porsche Taycan кој има… Колку коњски сили?! – CARclub.mk | #1 за Автомобилите full screen background image
Search

ВОЗЕВМЕ: Го возевме новиот Porsche Taycan кој има… Колку коњски сили?!

Porsche Македонија нè покани да одиме во Хрватска, каде меѓу првите во светот седнавме зад управувачот на надградениот Porsche Taycan и моќниот Taycan Turbo GT кој има – верувале или не – 1034 коњски сили!

Кога пред неколку години Porsche најави дека ќе прави електричен супер-спортски седан, сите очекувавме дека германскиот производител ќе се позиционира на самиот врв на електричните спортски автомобили. И… Porsche не нè разочара – Taycan е моќен, неверојатно брз и кога пред неколку години за прв пат го возевме, кажавме дека ни постави нова дефиниција за брзина.

Сега, неколку години подоцна – еве нè пак зад управувачот на Taycan – но ова веќе не е „обичниот“, оригиналниот Taycan. Ова е новиот, освежен и темелно ревидиран електричен супер-седан на Porsche… Всушност, измените се толку длабоки, што не е благодарно да кажеме дека ова е само „фејслифт“.

Ова е повеќе од фејслифт

Зошто? Затоа што измените не се само естетски (кои за волја на вистината, се прилично дискретни) туку се многу подлабоки – Taycan добива нови, поголеми и понапредни батерии, нов помоќен систем за полнење, нови и помоќни електромотори и нова суспензија – а сето тоа е во насока на подобрување на перформансите и ефикасноста.

Сите верзии на Taycan можат да добијат Performance Battery Plus батерија со капацитет од 105 kWh која и покрај поголемиот капацитет е 9 килограми полесна. Истовремено, батеријата и системот за полнење овозможуваат полнење со максимална моќност до 320 kW, што пак овозможува полнење од 10% до 80% за само 18 минути. Со пристап до доволно моќен полнач, секако.

И секако, подобрена е и ефикасноста. Според WLTP мерењата, во зависност од избраната конфигурација, Taycan може да помине повеќе од 600 километри со едно полнење на батериите. Ние и самите имавме можност да се увериме во тоа – за време на возењето, Taycan 4S (кој патем, има „само“ 600 коњски сили) ни покажа автономија од над 520 километри и тоа при прилично брзо, автопатско возење. И сите новитети влијаат на ефикасноста – на пример, новите Aero тркала придонесуваат дури 40 километри кон подобрената автономија.

А кога сме кај возењето, Taycan добива и нова, ревидирана воздушна суспензија со две комори во секој агол или пак доколку се одлучите да ја изберете таа опција, нова Porsche Active Ride суспензија која го држи големиот електричен седан идеално рамен во секакви ситуации. Оваа конфигурација овозможува да се исфрлат конвенционалните стабилизатори и системот да го контролира секој амортизер засебно, во реално време. Резултат? Идеален комфор каде секое тркало независно работи кон супер-мазното возење, или пак супер-спортска суспензија со целосно-елиминирано навалување во свиоци, „клекнување“ при нагло забрзување или „понирање“ при силно сопирање. Всушност, дури може и да оди „контра“ на очекуваното навалување за подобра тракција. Дури е малку нереално, верувајте.

Поврзано:  PORSCHE Driving Experience 2024: Пет Porsche Taycan и безмалку 5 илјади коњски сили!

Неколку верзии – почнуваме со 600, завршуваме со повеќе од 1000 коњски сили!

Е сега, возењето. Нашата стартна точка е аеродромот во Загреб, каде седнуваме во нашиот прв автомобил. Имавме можност да повозиме три различни конфигурации на Taycan, а прво седнавме зад управувачот на Taycan 4S. За време на дводневното запознавање со новиот Taycan возевме од Загреб до Ријека, па потоа до Крк каде „фативме“ ферибот до островот Лошињ. Од таму се вративме на копно и возевме до патеката (и аеродромот) Гробник, за потоа повторно да возиме до Загреб. Вкупно поминавме околу 700 километри зад управувачот на електричниот супер-седан.

Но да се вратиме на Taycan 4S. Оваа верзија (како што и името кажува) има погон на сите четири тркала, а двата електромотори испорачуваат вкупно 462 коњски сили, или 517 коњски сили доколку се одбере Performance Battery Plus пакетот. Дополнително, во Overboost се ослободуваат уште „малку“ коњски сили, па Taycan 4S располага со вкупно 600 коњски сили и 710 Nm вртежен момент (при Launch Control).

И резултат на сето ова е… 3.7 секунди до 100 километри на час, како и автономија од над 600 километри во градски услови. И навистина – за време на возењето од Загреб до Ријека, Taycan 4S пријави потрошувачка од помалку од 20 kWh на 100 километри, и тоа при автопатски брзини а инструментите покажуваа автономија која лесно надминуваше повеќе од 520 километри.

Од Taycan 4S одиме во Taycan Turbo Sport Turismo. „Караванската“ изведба на Taycan повеќе ни се допаѓа – профилот е поинтересен, а самата форма е значително попрактична. Но да зборуваме за погонот – а тука има за што да се зборува. Taycan Turbo располага со 707 коњски сили, односно дури 884 коњски сили и 890 Nm вртежен момент при лансирање. А сето тоа го прави возењето многу, многу лесно, а претекнувањето… Едноставно.

Плус, тука е и новиот party-piece на Taycan – а тоа е Push to Pass системот кој е дел од Sport Chrono пакетот. Во суштина, со притискање на физичко копче поставено на управувачот, во следните 10 секунди добивате „overboost“ кој во зависност од моделот овозможува дополнителна моќност која варира зависно од моделот – основниот Taycan добива дополнителни 70 kW, додека Taycan Turbo S добива дополнителни 140 kW.

Поврзано:  ПРЕМИЕРА: Porsche ги претстави новите 911 GT3 и 911 GT3 Touring!

Во реалноста, станува малку како да играте Mario Kart. Притискате на копчето и Taycan одбројува 10 секунди – а вие во тие 10 секунди имате уште побрз, уште помоќен автомобил. И секоја мала дупка во сообраќајот, секој правец станува можност за лесно, неуморно претекнување. И откако ќе поминат тие 10 секунди Taycan повторно по неколку секунди го овозможува Push to Pass системот. Откако го пробавме, го прогласуваме за фантастичен и секој автомобил би требало да го има.

И конечно седнуваме зад управувачот на новиот знаменосец на гамата – а тоа е новиот Taycan Turbo GT. Taycan Turbo GT е дело на GT-дивизијата на Porsche – да, онаа која се занимава со хардкор моделите како 911 GT3 и GT3 RS, но и Cayman GT4.. Резултат на „влијанието“ на GT одделот е Taycan со намалена тежина, зголемена моќност и перформанси кои… Не се од оваа планета.

Taycan Turbo GT има помоќен 900-амперски инвертер кој во нормални услови на возење овозможува неверојатни 789 коњски сили, но во Launch Control режим системот овозможува вкупно – подгответе се за ова – 1034 коњски сили и 1240 Nm вртежен момент. Секако, Taycan Turbo GT добива и зајакнат пренос за да може да ја издржи сета оваа сила, а за голем дел од компонентите се искористени егзотични материјали за од системот да се извлече апсолутниот максимум.

А сето тоа резултира со насилно забрзување. Ајде да го ставиме тоа во контекст. Bugatti Chiron кој има 1600 коњски сили забрзува до 100 километри на час за 2.4 секунди а до 200 километри на час за 6.5 секунди. На Taycan Turbo GT му се потребни само 2.3 секунди за да достигне „стотка“, а до 200 километри на час пристигнува за 6.6 секунди. Од 80 до 120 километри на час со Push to Pass (кој кај Turbo GT се вика Attack Mode, соодветно) забрзува за само 1.1 секунда!

И ако треба тоа да го објасниме со зборови – при Launch Control внатрешните органи прво ни се преместуваат на задното седиште позади нас, за потоа да завршат во багажниот простор. Едноставно, ништо не е толку брутално како Taycan Turbo GT. Потоа, при нагло сопирање, органите ни се враќаат „на место“, за малку да отидат нанапред во исто време со образите кои како да ни се одлепуваат од лицето. Ова не е автомобил за оние кротките.

Поврзано:  Новиот електричен Porsche Macan официјално лансиран и во Македонија!

Но вистината е дека секој Taycan е повеќе од доволно брз

А всушност, било кој Taycan е повеќе од доволно брз – без разлика дали возиме низ градските улици, по автопат, по германскиот аутобан или по тркачка патека. Забрзувањето е инстантно, линеарно и моќно, суспензијата се прилагодува кон сите услови а Taycan (во Normal режим) е комфорен, тивок и самоуверен во своите можности.

Кога сме кај самодовербата, надворешноста на Taycan е посамоуверена од било кога. Сега има поголема визуелна разлика меѓу моделите, а меѓу другото добиваме и нови бои и нови тркала. Наш омилен Taycan? Па Turbo GT, секако – аеро додатоците само ја нагласуваат неговата бруталноста, а полесните големи ковани тркала се можеби најубавите тркала кои можат да се добијат кај Taycan. Плус – сите верзии добиваат светлечки заден PORSCHE знак интегриран во светлосниот елемент, детаљ кој изгледа одлично а на Taycan му дава препознатлив и јасен светлосен потпис.

Кабината е беспрекорна. Премногу измени нема – најважниот новитет е новиот дисплеј поставен пред совозачот кој возачот не може да го види, а совозачот полесно може да ги контролира мултимедијалните функционалности и навигацијата. Дали е потребен? Па по два дена во Taycan, ќе кажеме и ќе признаеме дека е практичен.

Има и интересни технолошки решенија – на пример, безжичниот полнач за мобилен телефон кој е поставен меѓу возачот и совозачот е со активно ладење, за полначот навистина да го полни телефонот а не само да го загрева. Или пак уредот за навигација кој е поврзан со Google Maps и директно пред возачот или на било кој друг екран во кабината прикажува сателитски мапи а не само графички приказ на навигацијата – навистина корисно решение.

Инженерите ги достигнале поставените цели, а Turbo GT треба да се доживее за да се разбере

И по сето ова, какви се финалните впечатоци? Очигледно е дека инженерите на Porsche имале конкретни цели – да се подобри ефикасноста и да се подобрат перформансите. Дали успеале во тоа? Апсолутно – самиот факт дека сите верзии добиваат зголемена моќност, зголемена автономија, намалена потрошувачка на струја и цело брдо нови технологии сведочат за тоа. Taycan беше и остана врвниот (цивилен, да речеме) електричен спортски автомобил. А Turbo GT е грациозно-насилна победа на технологијата над физиката. Треба да се доживее за да се разбере.

Фотографии

 



Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.