ПРЕМИЕРА: Bugatti Tourbillon – Хибриден хипер-автомобил со атмосферски V16 и 1800 коњски сили! – CARclub.mk | #1 за Автомобилите full screen background image
Search

ПРЕМИЕРА: Bugatti Tourbillon – Хибриден хипер-автомобил со атмосферски V16 и 1800 коњски сили!

Bugatti го претстави наследникот на Chiron – новиот хипер-автомобил добива сосем нов електрифициран погон кој испорачува неверојатни 1800 коњски сили и уште поневеројатни перформанси!

Bugatti го претстави својот прв нов модел откако е под „команда“ на Rimac – а тоа е новиот Tourbillon кој со себе носи многу (и многу интересни) новитети. Всушност, самиот Mate Rimac кажува дека ниту Tourbillon не дели ниту еден дел со Veyron или Chiron.

Океј, но што всушност значи името Tourbillon? Tourbillon е вид на механизам кој се користи кај супер-скапите часовници, а е резултат на врвно мајсторство, деликатна работа и ненадмината експертиза – и името сосем му одговара на новиот автомобил. А каде започнуваат сите нови работи кај Tourbillon? Па кај моторот – по двата автомобили кои го користеа неверојатниот W16 со четири турбо-полначи, Tourbillon добива целосно-нов 8.3-литарски атмосферски V16 (кој патем, е долг цел метар) кој „врти“ до неверојатни 9000 вртежи во минута и испорачува 1000 коњски сили. Моторот е развиен од експертите во Cosworth.

И секако, бидејќи Rimac се експерти за електрични автомобили, Tourbillon добива напреден хибриден систем. Моќниот V16 соработува со уште три електромотори (два на предните, еден на задните тркала, односно во менувачот кој сега е поставен зад моторот) за безмалку да ја дуплираат бројката. Односно – 8.3-литарскиот V16 веќе испорачува 1000 коњски сили, но електромоторите (и батеријата со капацитет од 25 kWh) испорачуваат уште 800 коњски сили за вкупна, системска моќност од 1800 коњски сили. Bugatti не го објавува вртежниот момент, но сигурни сме дека и таа бројка е подеднакво импресивна.

Резултат на сето ова? Од Bugatti ветуваат спринт до 100 километри на час за помалку од (или рамно) 2 секунди, како и максимална брзина која е електронски ограничена на 445 километри на час. Секако, бидејќи се работи за Bugatti, понатаму ќе добиеме уште помоќни и побрзи верзии. Самиот Mate Rimac кажува дека погонот има огромен потенцијал. Истовремено, и покрај хибридните компоненти, Tourbillon тежи еднакво како и Chiron – односно 1995 килограми. А тоа – тоа е вистински инженерски подвиг.

Поврзано:  Барате „половни“ предни светла за вашиот Bugatti Chiron? Ќе ве чинат „само“ 150.000 Евра!

Но навистина, перформансите се запрепастувачки. 200 километри на час? Помалку од 5 секунди, а тука веќе можеме да зборуваме за времето потребно да се достигнат 300 километри на час – а тоа е помалку од 10 секунди. 400 километри на час пристигнуваат за помалку од 25 секунди.

Слична приказна за неверојатни детали и врвно мајсторство продолжува во кабината. Нели споменавме дека Tourbillon е вид на механизам за супер-скапи часовници. Па само погледнете ги инструментите. Bugatti соработуваше со швајцарски производител на часовници за да го направи панелот со инструменти во кабината – кој патем, не е дигитален. Bugatti се обидува да направи нешто кое ќе го издржи тестот на времето и нема да изгледа застарено за 10, 20, 30, 50 или 100 години и знаете што? Мислиме дека успеале во тоа. Освен малиот дигитален дисплеј во долниот дел, новите инструменти се целосно-аналогни. И изгледаат спектакуларно.

И да, централниот дел на управувачот е фиксен, а самиот управувач се врти и на него се прикачени потребните дополнителни елементи, како на пример лопатките на менувачот. Меѓу возачот и совозачот е поставен централниот гребен кој е изработен од алуминиум и стакло, а во него се крие и мал дигитален екран (кој може целосно да се вовлече во конзолата) кој е таму за да обезбеди мултимедијални функционалности и да задоволи некои законски потреби – како на пример задолжителната (и да бидеме искрени, навистина потребна, ова е сепак многу, многу, многу скап автомобил) паркинг камера.

И конечно, ајде малку за дизајнот. Да, на прв поглед Tourbillon наликува на Chiron – но кога ќе погледнеме малку подлабоко, разликите стануваат очигледни. Предниот дел е заострен, со намалена челна површина (во насока на значително подобрена аеродинамика), тука е и препозналивиот C-мотиф на профилот, додека на задниот дел доминираат светлосниот елемент и огромниот заден дифузер. Автомобилот е поостар, но истовремено со нијанса повеќе простор во кабината. Тука е и централната линија која се протега по средината на автомобилот и е толку карактеристична за Bugatti.

Дали Tourbillon е визуелно порадикален од Chiron? Би рекле дека најверојатно не е, но без сомнеж изгледа спектакуларно и моќно. Но со Tourbillon, Bugatti започнува една нова ера. А таа ера ќе ве чини од 3.8 милиони Евра.

Поврзано:  Барате „половни“ предни светла за вашиот Bugatti Chiron? Ќе ве чинат „само“ 150.000 Евра!


Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.