ПРЕМИЕРА: Citroen целосно го откри новиот C3 Aircross – CARclub.mk | #1 за Автомобилите full screen background image
Search

ПРЕМИЕРА: Citroen целосно го откри новиот C3 Aircross

Новиот C3 Aircross е замислен да биде многу повеќе од Maxi-C3, иако дели голем дел од дизајнот и технологиите токму најновиот француски хечбек. C3 Aircross е замислен да биде супер-практичен семеен сопатник со фокус токму кон достапноста.

Гледан директно од напред, C3 Aircross ги дели троделните предни светла и исправениот преден дел токму со C3 – а тој дизајнерски елемент доаѓа директно од супер-прифатениот Oli концепт кој Citroen го претстави минатата година. C3 Aircross добива и сребрени декоративни елементи во браниците кои му даваат нијанса поробустен изглед.

Понагласени разлики се забележуваат кај профилот на C3 Aircross, особено поради зголеменото меѓуоскино растојание и подолгата кабина, дизајнирани да можат да прифатат трет ред седишта. Сепак, и C3 Aircross ја задржува (па дури би рекле и ја нагласува) SUV формата на C3, а на задниот дел приметуваме и слични задни светла како кај помалиот брат.

Секако, слично е и во кабината – ги препознаваме истите елементи и истите дизајнерски детали. Тука се истите храбри форми и материјали кои неодамна и самите ги запознавме кога во близината на Виена го возевме новиот C3. Но секако, најголемата разлика е токму просторната понуда – C3 Aircross може да се добие во две изведби.

Едната е со пет, другата со седум седишта. Верзијата со седум седишта има еднаков простор за нозете како стандардниот C3, со цел да може да се вгради третиот ред, но одберете верзија со само еден ред задни седишта и ќе добиете дури 6.5 сантиметри повеќе простор за нозете пред задната клупа, како и поголем багажник.

Поврзано:  ВОЗЕВМЕ: Зад управувачот на новите Citroën C3 и ë-C3 - Француска револуција!

Погонските единици се слични како кај C3 – тука е 1.2-литарскиот турбо-бензинец 100 коњски сили и мануелен менувач, а скалило погоре е 1.2-литарскиот хибрид со 136 коњски сили. За оние кои ќе одлучат да бидат храбри и да изберат електричен погон, тука е новиот e-C3 Aircross кој го користи истиот погон како и e-C3 –  а тоа значи 113 коњски сили и батерија со капацитет од 44 kWh која овозможува автономија од 300 километри.

Во однос на цената, Citroen сега за сега не ја објавува, но ветува дека C3 Aircross ќе се продава по „ултра-компетитивна цена“. Што значи тоа? Сега за сега не знаеме, но очекуваме дека Citroen ќе го исполни ветувањето.



Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.