Новите агрегати треба да бидат компатибилни со алтернативите на фосилните горива како течниот водород и синтетичките горива.
Трите јапонски гиганти велат дека новите мотори ќе бидат поефикасни, помоќни и покомпактни од моменталната понуда на пазарот. Тројката тврди дека ова ќе го револуционизира дизајнирањето на возилата, бидејќи помалиот мотор треба да овозможи пониска хауба, а со тоа истовремено ќе се подобрат аеродинамиката и ефикасноста.
Претседателот и извршен директор на Тoyota, Koji Sato рече: „Со цел да им обезбедиме на нашите клиенти различни опции за постигнување јаглеродна неутралност, неопходно е да го прифатиме предизвикот за развој на мотори кои се во склад со енергетската средина на иднината.
Претседателот и извршен директор на Subaru, Atsushi Osaki додаде: „Постигнувањето на јаглеродно неутрално општество е предизвик што мора да го преземат сите јапонски индустрии и општеството како целина“.
Претседателот и извршен директор на Mazda – Masahiro Moro изјави: „Ние ќе продолжиме да им нудиме на клиентите возбудливи автомобили со усовршување на моторите со внатрешно согорување и проширување на можностите за постигнување на јаглеродна неутралност“.
Трите компании сепак нема да се откажат од развојот на електрични автомобили. Само Toyota планира да лансира шест чисто електрични возила до 2026 година во Европа, а вкупно 30 ширум светот до крајот на деценијата. Субару, исто така планира да претстави три нови електрични теренци до 2026 година, кои ќе бидат развиени заедно со Toyota. Иако последниот електричен автомобил на Mazda е MX-30 од 2020 година, компанијата продолжува со развојот на својата скалабилна архитектура на електрични автомобили.