Македонска премиера на новите Mini Cooper и Countryman! – CARclub.mk | #1 за Автомобилите full screen background image
Search

Македонска премиера на новите Mini Cooper и Countryman!

Новото семејство на MINI денес ја доживува својата официјална македонска премиера – пристигнаа новите Mini Cooper и Countryman!

Mini. Big Love. Мини автомобили, но голема љубов. Новите Mini Cooper и Mini Countryman денес ја имаа својата официјална македонска премиера. Новиот Mini Cooper покрај тоа што е достапен како целосно-електричен автомобил, достапен е и со два турбо-бензинци. Основниот модел Cooper C добива 1.5-литарски трицилиндерски мотор со турбополнач и 154 коњски сили, додека поспортскиот Cooper S има поголем турбополнач и мотор од 2 литри со четири цилиндри и моќност од 204 коњски сили.

Инаку, дизајнот е веднаш-препознатлив како Mini, но ќе додадеме дека сега малиот електричен хечбек изгледа позрело и подостоинствено. На свој, Mini начин се оддалечува од ретро-инспирираните дизајни на претходниците, но истовреме оддава почит на своето минато додека цврсто гледа кон иднината. Доминираат рамни линии и скоро и да нема хромирани детали.

Сличен е пристапот и во кабината – да, препознаваме ретро детали, но целиот пристап е изразено футуристички – тука е централно-поставениот панел за инструменти, но сега е целосно дигитален. Кружниот OLED екран е единствениот дисплеј, а околу него се поставени отворите за вентилација и малкуте физички контроли кои се во кабината. Секако, Mini добива детален хед-ап дисплеј и други супер-напредни технологии кои се очекуваат во денешните автомобили.

Кај новиот Countryman дебитира новиот Charismatic Simplicity дизајнерски јазик на Mini па доминираат правоаголните форми – има значително помалку закривени линии, а новиот лик има нова осмоаголна маска и нови, редизајниран предни светла. Сето ова му дава поагресивен и поробустен лик.

На задниот дел вниманието одат кон тенките Matrix LED задни светла кои ја имаат графиката од британското знаме, но забележуваме и понагласен заден спојлер. Исто како кај Cooper, ниту кај Countryman нема хромирани детали. На нашиот пазар новиот Countryman се нуди со 1.5-литарски турбо-бензинец со 170 коњски сили и погон на предните тркала, или пак со 2-литарски турбо-бензинец со 218 коњски сили и погон на сите четири тркала.

Новите модели на Mini веќе можат да се погледнат во салонот на М-Кар во Скопје. Цените започнуваат од 29.500 Евра за Mini Cooper со основниот бензинец.

Поврзано:  Mini претстави бензинска верзија на спортскиот John Cooper Works

 

 

 

 

 



Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.