ПРЕМИЕРА: Porsche 911 добива супер-лесен T-Hybrid – станува електрифициран и уште помоќен! – CARclub.mk | #1 за Автомобилите full screen background image
Search

ПРЕМИЕРА: Porsche 911 добива супер-лесен T-Hybrid – станува електрифициран и уште помоќен!

Благодарение на новиот T-Hybrid, 911 Carrera GTS располага со вкупно 541 коњска сила и 610 Nm вртежен момент – доволни за спектакуларни перформанси, спринт до 100 километри на час за рамно 3 секунди и максимални 312 километри на час!

Да, убаво прочитавте – Porsche 911 станува хибриден! Поточно, 911 Carrera GTS станува хибриден благодарение на лесниот нов T-Hybrid систем кој всушност добива електричен турбо-полнач.

Мал електромотор интегриран меѓу компресорот и турбината веднаш го забрзува турбополначот и гради притисок, а електромоторот функционира и како генератор и овозможува дополнителни 15 коњски сили. Електричниот турбополнач нема таканаречен Wastegate и овозможува да се користи еден турбополнач наместо два – што пак овозможува подинамично и пореспонзивно испорачување на моќта.

Истовремено, тука е и електромоторот интегриран во PDK менувачот со двојна спојка. Овој електромотор испорачува дополнителни 150 Nm вртежен момент, како и дополнителни 40 kW моќ. Двата електромотори се поврзани со лесна батерија која складира до 1.9 kWh енергија и работи на архитектура од 400 Волти. Секако, срцето на погонот и понатаму е мотор со внатрешно согорување – а тоа е нов 3.6-литарски боксер кој дури и без електричното „дополнување“ испорачува 485 коњски сили и 570 Nm вртежен момент. Но вистинската магија е кога сите системи работат заедно – а тоа значи 541 коњска сила и моќни 610 Nm вртежен момент – цели 61 коњска сила повеќе од претходно.

Што значи тоа? Спринт до 100 километри на час за рамно 3 секунди, како и максимални 312 километри на час.

Секако, надградени се и „обичните“ изведби, па 911 Carrera добива турбополначи кои досега беа резервирани за GTS моделите. Со ова, дури и основниот 911 има зголемена моќност цели 394 коњски сили и 450 Nm вртежен момент. 100 километри на час пристигнуваат за 4.1 секунда (односно 3.9 секунди со Sport Chrono) како и максимални 294 километри на час.

Секако, измените не се само технолошки – има и естетски корекции. Воглавно, естетските корекции се во насока на подобрување на аеродинамиката – а со тоа и на перформансите. Сега секој модел има засебни браници а сите светлосни функции се интегрирани во Matrix LED светлата кои ќе бидат дел од стандардната опрема. Ова овозможува дополнителните светла да бидат исфрлени, а предниот браник да добие поголеми отвори за воздух.

Поврзано:  Porsche ја проширува понудата на Macan со новите RWD и 4S варијанти

Ова е најзабележливо кај Carrera GTS која има по пет вертикални насочувачи за воздух на девете страни на браникот. За прв пат, 911 добива и адаптивни предни дифузери под автомобилот, кои пак овозможуваат активно насочување на воздухот. Нови се и HD Matrix LED светлата кои осветлуваат повеќе од 600 метри пред авотмобилот. Задниот дел добива редизајнирана LED лента со интегрирано Porsche лого, како и редизајнирана задна решетка. Регистерската табличка е поставена повисоко, а секоја изведба добива и засебен издувен систем. 911 Carrera моделите можат да добијат спортски издувен систем, додека GTS моделите стандардно ќе доаѓаат со спортски издувен систем развиен специјално за нив.

Измени добива и кабината на освежениот 911. За жал, веќе го нема „старт-клучот“ кој сега е заменет со старт-копче. Добро, барем е поставено на страната кон вратата, детал кој е директна врска со трките на кои учествува Porsche – со што возачите можеле истовремено да го стартуваат автомобилот и да го стават во брзина.

Истовремено, 911 добива и целосно-дигитален панел со инструменти со дијагонала од 12.6-инчи. Дисплејот има седум разлижми режими на приказ, а еден од нив е во традиционална форма со пет различни инструменти и голем централно-поставен индикатор за вртежи. Porsche одлучи и сите 911 Coupe модели да доаѓаат само со две седишта, но задните седишта ќе бидат достапни без доплата.



Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.