Двете специјални изведби на F-Pace се наменети не само да прослават 90 години иновативност, туку да бидат и комеморација на последниот F-Pace.
Британскиот луксузен бренд се подготвува за целосната електрична трансформација и токму затоа Jaguar се збогува со супер-популарниот F-Pace. Двете специјални изведби на F-Pace не само што оддаваат почит на 90 години иновативност на британскиот луксузен бренд, туку истовремено ги истакнуваат и перформансите, динамичноста, но – за жал – и крајот на една важна ера за Jaguar.
Првата верзија се вика едноставно 90th Anniversary Edition и според Jaguar, токму оваа верзија „прославува девет декади иновативност и производство на мотори со внатрешно согорување“.
Оваа верзија добива R-Dynamic стајлинг, специјални тркала, панорамски стаклен покрив, но и супер-луксузен ентериер со спортски седишта, контрастни шевови, алуминиумски детали и многу, многу повеќе. Интересно, оваа изведба ќе може да се комбинира со неколку различни мотори, а достапна ќе биде и плаг-ин хибридна изведба.
Втората – и во нашите очи поинтересната – изведба е F-Type SVR 575 Edition. Оваа верзија добива 5-литарски компресорски V8 кој испорачува 575 коњски сили и 700 Nm вртежен момент – 25 коњски сили повеќе од „обичниот“ F-Type SVR. Благодарение на погонот, спортскиот SUV забрзува до 100 километри на час за 3.8 секунди.
SVR 575 добива и црни детали, како и огромни 22-инчни црни ковани тркала. Кабината добива алуминиумски детали, супер-луксузна Windsor кожа и спортски седишта со греење и вентилација.
Инаку, ова е навистина крај за една ера нa Jaguar. Британскиот луксузен бренд ќе се трансформира во производител на ултра-ексклузивни (и скапи) електрични возила. Токму F-Pace беше моделот со кој Jaguar ја започна својата ренесанса – од лансирањето во 2015, па сè до сега, Jaguar продаде скоро 330.000 примероци од својот прв SUV.