Porsche Driving Experience 2024 – Прв контакт со насилниот Cayenne Coupe Turbo E-Hybrid GT Package! – CARclub.mk | #1 за Автомобилите full screen background image
Search

Porsche Driving Experience 2024 – Прв контакт со насилниот Cayenne Coupe Turbo E-Hybrid GT Package!

Porsche Driving Experience повторно во Македонија, а ѕвезда на овогодинешното возење беше новиот Cayenne Coupe Turbo E-Hybrid with GT Package со безмалку неверојатни 740 коњски сили!

Времето очигледно не е идеално – но нема лош ден за возење Porsche. Ергелата на Porsche Driving Experience повторно во Македонија – овој пат со значителен новитет. Покрај 718 Boxster S, Macan S и 911 во две изведби – Targa GTS и Turbo S – во понудата годинава го имаме и новиот Cayenne Coupe Turbo E-Hybrid со GT Package.

Со со неодамнешното освежување, постоечкиот плаг-ин хибриден Cayenne доби зголемена моќност за околу 10 проценти, но зголемената моќност не едноставно зголемување на притисокот на турбополначите – 4-литарскиот твин-турбо V8 добива сериозни надградби за да испорачува 599 коњски сили и соработува со 176-коњски електромотор кој пак се напојува од нов батериски модул со капацитет од 25.9 kWh.

Резултат на сето тоа? Импресивни 739 (да заокружиме на 740, може?) коњски сили и 950 Nm вртежен момент, кои пак го забрзуваат големиот Cayenne до 100 километри на час за само 3.6 секунди и му овозможуваат да постигне 305 километри на час. Забрзувањето е насилно и неуморно, а големиот SUV се движи како да не тежи повеќе од 2.5 тони.

Секоја реакција на притискањето на педалата за гас е инстантна бидејќи електромоторите ја пополнуваат „празнината“ пред да земат воздух големите турбини на 4-литарскиот твин-турбо V8 и додека вашите внатрешни органи го менуваат распоредот, големиот SUV веќе постигнал брзина за која би нè имало во дневниот печат.

Од друга страна, плаг-ин хибридниот SUV се движи со леснотија која успешно ја сокрива неговата маса. Од свиок во свиок, Cayenne Turbo GT (да скратиме малку) се однесува како моќен (и голем) хот хеч, без никакво навалување во свиоци ниту некакво колебање. Закони на физиката? Пфф…

По Cayenne Coupe влегуваме во Macan S кој благодарение на неговиот 2.9-литарски твин-турбо V6 располага со 380 коњски сили – безмалку точно двојно помалку од големиот Cayenne. Но Macan изненадува со неговата агилност и подготвеност. Macan секогаш одлично се трансформира од урбан спортски SUV во комфорен крстосувач на автопат, но неговиот вистински талент е кога ќе го префрлите во Sport, ќе го фатите „за роговите“ и ќе почнете да бркате свиоци. Одговорно тврдиме дека не постои подинамичен и подиректен SUV од Macan.

Поврзано:  PORSCHE Driving Experience 2024: Пет Porsche Taycan и безмалку 5 илјади коњски сили!

Следен на распоредот? 728 Boxster S, секако. Ако Boxster го наречеме „вовед во Porsche“, ќе додадеме – па може ли воведот да е подобар? Малиот Boxster е најстариот модел во тековната понуда на Porsche, па затоа е и нај-аналогниот автомобил на германскиот бренд. И токму тој аналоген карактер го прави да биде супер-интересен. Наменет за оние кои навистина уживаат во возењето. 2.5-литарскиот турбо-боксер јасно (и гласно) го назначува своето постоење, а какофонијата од звуци која доаѓа од задниот дел треба да се слушне за навистина да се доживее.

Конечно пристигнуваме до 911. Прво седнуваме во 911 Targa GTS. Да, временските услови не беа баш за Targa, но во секој случај беа за GTS. Ако ние се прашуваме, токму 911 GTS е моделот кој треба да се избере. Неговите 430 коњски сили се (ахам) повеќе од доволни – за што сведочи и спринтот до 100 километри на час за само 4.3 секунди.

На самиот крај, повторно во 911 Turbo S. Знаменосецот на „цивилната“ палета на 911 едноставно доминира. Ставот ги најавува перформансите, а перформансите се запрепастувачки. Моќниот 3.8-литарски твин-турбо шест-цилиндерски боксер испорачува 650 коњски сили и 800 Nm вртежен момент, а погонот на сите четири тркала гарантира дека тие перформанси можат да се искористат во помалку или повеќе секакви услови – денешниов ден беше доказ за тоа.

911 Turbo S буквално лансира до 100 километри на час, до кои пристигнува за само 2.7 секунди. И продолжува да забрзува. И продолжува… И сè така, сè до неговите максимални 330 километри на час. За жал, тие не успеавме денес да ги искусиме, но можеби еден ден, на некое парче германски аутобан…

Поврзано:  ПРЕМИЕРА: Кога „златната средина“ има 690 коњски сили - претставен Porsche Taycan GTS

Секој Porsche Driving Experience е прослава на брзината, на луксузот и на автомобилскиот хедонизам. Поканата – дури и накратко – да уживаме во сè она што значи Porsche со задоволство ја прифативме и искрено се заблагодаруваме на Porsche Македонија за оваа можност.

 



Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.