Geely иако за прв пат се појавува во Македонија, сепак не е непознато име на нашите простори. Всушност, Geely е најверојатно „најпознатиот непознат“ кинески производител – па каков е првиот контакт со автомобил на овој гигант?
Секако, дискусијата ќе ја започнеме со едно мало објаснување – кои се всушност Geely? Приказната на Geely започнува во 1986-тата година од минатиот век, но вистинскиот влез на автомобилскиот пазар се случува во 1997 кога се основа Geely Auto. И изминативе (скоро) 30 години, Geely растеше и растеше и стигна да биде еден од најсериозните „играчи“ кои доаѓаат од Кина, но истовремено и еден од најсериозните играчи на глобалната автомобилска сцена.
Зошто? Па одговорот е едноставен. Geely не е само Geely. Geely е сопственик на Volvo, Lynk & Co, Polestar и Zeekr, од неодамна е сопственик и на Lotus, Proton и Smart, а воедно е еден од најголемите акционери во Daimler и поседува 17% од Aston Martin. Машала портфолио, нели?
Резултат на тоа портфолио? Geely глобално вработува над 130.000 луѓе и минатата година произвел вкупно 2.79 милиони возила. Ова не е микро-производител. Ова е сериозен играч.
Резервиран, воздржан дизајн
Океј – и сето тоа нè носи до автомобилот за кој ќе зборуваме денес – Atlas Pro. Првиот контакт со Atlas Pro e интересен, бидејќи Atlas Pro воопшто не наликува на кинески автомобил. Би рекле дека дизајнот е резервиран, дури и малку конзервативен. Преовладуваат чисти и едноставни линии и мазни површини, а сето тоа резултира со ненаметлив, допадлив дизајн кој нема брзо да изгледа застарено.
На предниот дел вниманието го задржува широката предна решетка на која централно е поставено логото на Geely. Околу неа се поставени тенките, дискретни предни LED светлосни групи додека во долниот дел од браникот се забележуваат отворите за воздух и дискретните декоративни елементи.
Декоративниот елемент од браникот продолжува во сличен декоративен детаљ во долниот дел од вратите. Профилот е исто така чист и некомплициран, но препознаваме остро-извајана карактерна линија која го прави профилот на Atlas Pro поинтересен и визуелно го двои дизајнот на „долен дел“ и „горен дел“.
На задниот дел вниманието оди кон задните светлосни групи кои се споени со хромиран декоративен елемент, како и кон изненадувачки храбриот заден спојлер. Во долниот дел од задниот браник забележуваме завршетоци на издувниот систем и заштитни панели. Да, Atlas Pro има и некакви теренски амбиции.
Сè на сè – Atlas Pro изгледа ненаметливо и неговиот дизајн нема никого да навреди. Подзамижете малку и ќе препознаете дискретна врска со „браќата“ од Volvo, особено во предниот дел. Ставот на Atlas Pro е самоуверен и достоинствен – не „брка“ никого, туку привлекува со својата едноставност. Дали имаме некакви забелешки на дизајнот? Не ни се допаѓа непотребното „издигнување“ на хромираниот декоративен елемент под стаклата меѓу Ц и Д столбот, а сметаме и дека целата каросерија би можела да е нијанса пониска.
Практична и комфорна кабина со многу, многу опрема
Одиме внатре. Ја отвораме возачката врата и нè пречеукува привлечна кабина. На прв поглед, дизајнот е можеби малку застарен – но сè што е потребно е тука. Пред возачот се поставени дигиталните инструменти, додека на централната конзола доминира огромниот дисплеј наменет за инфозабавниот уред. Мултимедијалниот уред функционира прилично брзо, но ќе забележиме дека нема вградена Android Auto и Apple CarPlay поддршка. За целосна интеграција со паметен телефон се користи EasyCon апликацијата, која во суштина ја обезбедува оваа функционалност. Под мултимедијалниот уред се поставени кратенки до некои од функционалностите, додека на централниот гребен меѓу возачот и совозачот се рачката за автоматскиот менувач и селекторот за режим на возење.
Ергономијата е воглавно во ред, со мала забелешка на можностите за нагодување на управувачот – тој се нагодува по висина и длабочина, но би посакале уште некој сантиметар можност за нагодување по длабочина. Сепак, лесно се наоѓа комфорна и прегледна возачка позиција. Прегледноста е малку ограничена кон задниот дел, но тоа лесно се компензира со сензорите за паркирање и одличната 360-степенска камера.
Инаку, во кабината преовладува чувство на солидност. Повеќето материјали кои ќе ги допрете се прилично квалитетни, а немаме забелешка ниту на финалната обработка – тука Geely лесно се носи со најдиректните конкуренти. За возачот и совозачот има сосем доволно простор, а низ кабината има и многу места за одлагање дребулии.
На задната клупа – повторно – многу простор и комфорно седење. Патниците добиваат централен наслон со вграден држач за чаши, засебни контроли за вентилацијата кон задната клупа, загревање на седиштата и два USB-приклучоци. Приказната за практичноста ја привршуваме со багажниот простор – багажникот е со капацитет од 378 литри – океј, не е најголемиот во класата, но формата е правилна а петтата врата е голема, па лесно ќе внесете и поголеми предмети.
Секако, вреди да се напомене дека Geely игра на истата карта на која играат и повеќето останати кинески производители – а таа карта се вика Многу Многу Опрема. Па така, покрај кожните седишта, добиваме и двозонски клима уред, 360-степенска камера, греење на предните и на задните седишта, едно чудо сензори, одличен систем за асистирано возење на автопат кој едноставно функционира, Keyless влегување и стартување, па и многу, многу повеќе.
1.5-литарски турбо-бензинец, 177 коњски сили, погон на сите четири тркала
Пред да зборуваме за возните својства, ајде да зборуваме за погонот. Под предниот поклопец се крие 1.5-литарски турбо-бензинец со три цилиндри развиен во соработка со Volvo. Турбо-бензинецот испорачува 177 коњски сили при 5500 вртежи во минута и солидни 255 Nm вртежен момент во корисен опсег од 1500 па сè до 4000 вртежи во минута.
Погонот има и лајт-хибридна компонента, а силата ја пренесува кон сите четири тркала преку 7-степен DCT автоматски менувач со двојна спојка. Секако, возењето е примарно на предните тркала, но кога системите ќе забележат пролизгување дел од силата се пренесува и кон задната оска. Geely Atlas Pro е еден од ретките кој нуди погон на сите четири тркала – повеќето кинески конкуренти нудат само погон на предните тркала. Во нормален режим на работа, одзивот на педалата за гас е малку задушен со цел да се подобри ефикасноста. Во Sport бензинецот реагира значително поподготвено.
Резултат на сето ова? Респектабилни перформанси и повеќе од прифатлива потрошувачка. Забрзувањето до 100 километри на час трае 9.9 секунди, додека максималната брзина е 200 километри на час. Потрошувачката? Со оглед на димензиите и моќта на моторот, би рекле дека 8.5 литри на 100 изминати километри во градски услови на возење е повеќе од добро.
Лесен за управување, комфорот на прво место.
А каков е Atlas Pro зад управувачот? Комфорот е на прво место – ова не е SUV за „бркање кривини“, ова е SUV кој е развиен да биде комфорен и релаксиран во возењето и да Ве однесе онаму каде сакате со минимален напор.
Суспензијата успешно ги впива нерамнините од нашите улици и само остри несовршености пренесуваат несакани вибрации во кабината. Серво-управувањето е лесно, па лесно се маневрира со големиот SUV и во градски услови. На отворен пат имаме забелешка на пневматиците кои стануваат бучни како што се зголемува брзината. На автопатска брзина од околу 120 километри на час бучавоста од пневматиците е прифатлива, но возете значително побрзо од тоа и станува малку непријатно.
Заклучок? Добредојде Geely!
По сето ова, каде го поставуваме Atlas Pro? Вистината е дека големиот SUV на Geely е докажан продукт кој веќе се продава на многу пазари ширум светот. Благодарение на ненаметливиот дизајн (каде е очигледно шведското влијание), Atlas Pro е лесен за прифаќање, а кога на тоа ќе ги додадеме и ефикасниот турбо-бензинец, погонот на сите четири тркала и богатата опрема – станува јасно зошто Geely одлучи токму со Atlas Pro да дебитира во регионот, па и во Македонија.
На самиот крај, лесно доаѓаме до заклучокот дека Atlas Pro е целосен, комплетен продукт каде вниманието е посветено и на поголемите, но и на поситните нешта. Останува само да кажеме – добредојде Geely!
Спецификации
Модел: | Geely Atlas Pro 1.5T 4WD MHEV |
Мотор: | 1.5-литарски турбо-бензинец, 3 цилиндри |
Моќност: | 177 коњски сили / 5500 вртежи во минута |
Вртежен Момент: | 255 Nm / 1500 вртежи во минута |
Менувач: | Автоматски со двојна спојка, 7 брзини |
0-100 км/ч: | 9.9 секунди |
Максимална Брзина: | 200 километри на час |
Должина: | 4544 mm |
Ширина: | 1713 mm (без странични ретровизори) |
Висина: | 1831 mm |
Тежина: | 1705 килограми |
Меѓуоскино Растојание: | 2670 mm |
Багажен Простор: | 378 литри |
Потрошувачка: | 8.5 литри на 100 километри (измерена, градска) |
Цена на тестираниот модел: | Geely Atlas Pro 1.5T 4WD MHEV – 32.490 Евра |
Повеќе Информации: | Geely Македонија |