ПРЕМИЕРА: Новиот 12Cilindri го носи најмоќниот 12-цилиндерски мотор во историјата на Ferrari! – CARclub.mk | #1 за Автомобилите full screen background image
Search

ПРЕМИЕРА: Новиот 12Cilindri го носи најмоќниот 12-цилиндерски мотор во историјата на Ferrari!

6.5 литри, 12 цилиндри во V-конфигурација, 830 коњски сили и 678 Nm вртежен момент. 12Cilindri го носи најмоќниот атмосферски V12 во историјата на Ferrari!

Името е едноставно затоа што е добиено по срцето на овој нов ѕвер на Ferrari – името го носи по атмосферскиот V12 поставен зад предните тркала. 12Cilindri (значи токму 12 Цилиндри, а се изговара Додичи Чилиндри) е претставен како купе и како спајдер и го носи најмоќниот атмосферски V12 во историјата на Ferrari.

Како што напоменавме, 12Cilindri е придвижуван од 6.5-литарски атмосферски V12, доработен да испорачува импресивни 830 коњски сили при стратосферски 9250 вртежи во минута (а врти до 9500), како и моќни 678 Nm вртежен момент при 7250 вртежи во минута. Силата се пренесува кон задните тркала преку 8-брзински автоматски менувач со двојна спојка, а сето тоа резултира со спринт до 100 километри на час за само 2.9 секунди, лансирање до 200 километри на час за помалку од 7.9 секунди и максимална брзина која надминува 340 километри на час.

Ferrari продолжува со храбрите, импресивни дизајни – и тоа не е воопшто различно ниту кај 12Cilindri. На предниот дел препознаваме инспирација од незаменливата 365 Daytona благодарение на формата на предните светла и црниот елемент меѓу нив. Профилот е остар и должината го нагласува огромниот V12, додека од Ferrari напоменуваат дека дизајнот е пософистициран во однос на 812 Superfast и се фокусира на чисти линии и мускулести пропорции. Ние… Ние би се согласиле.

Интересен ни е и задниот дел, особено кај купето. Дизајнот го истакнува карактерот на 12Cilindri, а широкиот заден дел ги потенцира перформансите. Големиот, контрастен црн заден елемент наметнува естетика која досега не сме ја виделе кај Ferrari – наметнува доза на футуризам која едноставно изгледа добро. Браво!

Поврзано:  Полицијата во Лондон заплени Ferrari Purosangue, Lamborghini Urus и 60-тина други возила за „анти-социјално возење“

Во кабината доминираат спортскиот управувач и спектакуларните седишта. На средината на централната конзола е 10.25-инчен инфозабавен дисплеј, додека позади управувачот препознаваме огромен 15.6-инчен дисплеј наменет за возачот, каде се прикажуваат сите информации околу возењето. Истовремено, патникот добива свој 8.8-инчен дисплеј (и не сме сигурни колку ни се допаѓа овој тренд, но тоа е тоа), а дел од опремата е премиум аудио уред од Burmester со 15 звучници.

Цените (во Италија) започнуваат од 395.000 Евра за купето, односно 435.000 Евра за верзијата со отворен кров. Но како кај секое Ferrari, таа цена е само „почеток на преговорите“. Кога ќе додадете ова или она, таа цена лесно се зголемува за неколку стотици илјади Евра.



Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.