ЕВН и Макпетрол ќе постават 10 брзи полначи за електрични возила, првиот е веќе поставен! – CARclub.mk | #1 за Автомобилите full screen background image
Search

ЕВН и Макпетрол ќе постават 10 брзи полначи за електрични возила, првиот е веќе поставен!

ЕВН и Макпетрол најавуваат соработка која е веќе започната – двете компании ќе постават 10 брзи полначи за електрични возила, а првиот е веќе поставен на бензинската станица на Макпетрол во Визбегово!

Прилично сериозен чекор кон електрификацијата во Македонија – ЕВН и Макпетрол ќе постават вкупно 10 брзи DC полначи низ државата. Првиот полнач е веќе поставен на бензинската станица на Макпетрол во Визбегово и веќе е во употреба за потребите на електричните возила.

„EВН ги направи најраните напори за развојот на електромобилноста во Македонија. Во последните 7 години поставивме околу 40 полначи за електрични возила на јавни површини во 17 градови низ земјата. Нашите напори продолжуваат со силен фокус на брзото полнење, како главен предуслов за олеснета мобилност на електричните возила на подолги дестинации. Соработката со Макпетрол ни е многу важна – споделуваме сродни вредности, а преку нивната широко распространета мрежа на пумпи низ државата успеваме да се приближиме поблиску до корисниците“ – изјави Волфганг Маиер, Претседател на Управниот одбор на ЕВН Македонија.

Во 2022 година, на бензинската станица на Макпетрол близу граничниот премин „Богородица“ беше поставен полнач за електрични возила, исто така во соработка со ЕВН. На оваа локација веќе е поставена и фотонапонска централа која произведува електрична енергија од обновливи извори.

Инаку, новите полначи се со DC конектори од типот CCS со моќност од 150kW и се наменети за брзо полнење на едно или две електрични возила. Моделот е меѓу најефикасните во својата класа, и според неговите спецификации овозможува брзо и лесно полнење со времетраење од 30-40 минути во зависност од типот на возилото.

„Поставувањето 10 брзи полначи ќе придонесе во развојот на електромобилноста во земјава и ќе нè приближи до модерните форми на транспорт. Особено е значајно што овој проект го реализираме партнерски, заедно со ЕВН. Ваквите соработки се исклучително значајни, ако не и пресудни, за реализирање на зелената иднина на Македонија“ – вели Андреја Јосифовски, Претседател на Управниот одбор на Макпетрол.



Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.