За прв пат во историјата, G-Class станува целосно-електрична – и благодарение на 4 електромотори и безмалку 1200 Nm вртежен момент достапни „од нула“, подготвена е да го помрдне светот!
На самиот почеток – бидејќи токму тоа е најважно – ајде да зборуваме за погонот. Под металната кожа на Mercedes-Benz G580 with EQ Technology (да, тоа е целото име и презиме) се кријат четири електромотори. Секој од нив испорачува по 145 коњски сили, за вкупно 580 коњски сили и – уште поважно, би рекле – неверојатни 1164 Nm вртежен момент.
Сето тоа овозможува катапултирање до 100 километри на час за 4.7 секунди, но и до максимална (електронски ограничена) брзина од 180 километри на час. Вртежниот момент се испорачува инстантно – а тоа ветува импресивни перформанси како на асфалт, така и кога ќе го снема.
A кога ќе снема асфалт, доаѓаат до израз вистинските таленти на електричната Ге-Класа. Моќниот електричен SUV може да се искачува по странични стрмнини со агол до 35 степени, оддалечен е од подлогата цели 250 милиметри и може да помине низ вода длабока 85 сантиметри. Аголот на пристапување е 32 степени, додека аголот на заминување е 30.7 степени. Може да се искачи по нагорнини со максимален агол од 45 степени!
Интересно, електричната G-Class добива и дво-брзински менувач кој е наменет да функциони како редуктор, а добива и G-Turn функционалности за вртење во место – како тенк. Електромоторите овозможуваат целосно „виртуелно“ фунцкионирање на заклучување на диференцијалите бидејќи секој мотор може индивидуално да се контролира. Секако, тука е и неизбежната адаптивна суспензија и сите играчки кои се потребни за непречена теренска доминација – сепак зборуваме за G-Class.
Инаку, батеријата која го задвижува овој електричен теренски суперхерој е со капацитет од 116 kWh. Според официјалните информации кои пристигнаа од Mercedes-Benz, очекуваната автономија на електрична енергија е до 473 километри, измерени според WLTP, секако.
Со лансирањето на G580 with EQ Technology (немало ли да биде полесно да се вика едноставно G580 EQ?), Mercedes-Benz лансира и специјална Edition One изведба која добива дополнителна опрема и ексклузивни дизајн детали. Цените во Германија ќе започнуваат од 142.000 Евра за стандардната изведба, односно 192.000 Евра за Edition One.