ПРЕМИЕРА: Opel го откри грандиозниот нов Grandland! – CARclub.mk | #1 за Автомобилите full screen background image
Search

ПРЕМИЕРА: Opel го откри грандиозниот нов Grandland!

Новиот знаменосец на Opel е првиот модел на германскиот производител изграден врз STLA Medium платформата – а тоа ветува врвен електричен погон со автономија до 700 километри, како и ефикасни хибридни погони, супер-современи технологии и беспрекорно возачко искуство.

Целосно-електричниот Grandland ќе се нуди со батериски модул со 73 kWh или 98 kWh, a STLA Medium платформата е поставена врз 400-волтна архитектура. Ова овозможува брзо DC полнење со моќ до 160 kW, но и автономија до 700 километри. Секако, тука се и верзиите со мотори со внатрешно согорување – докажаниот 1.2-литарски турбо-бензинец ќе се комбинира со 48-волтна хибридна технологија, а за понатаму е најавена и плаг-ин хибридна верзија која ќе може да помине до 85 километри со полни батерии.

Инаку, новиот Grandland е вистински исчекор за германскиот бренд. Зошто? Ако Opel ги најави своите амбиции уште пред неколку години, за потоа да ги потврди и да ги бутне скалило нагоре со лансирањето на новата Astra, тогаш со новиот Grandland пристапот на Opel постигнува кулминација.

Доминираат чисти површини и остри линии – од предниот дел со карактеристичниот Vizor и новиот светлечки Opel Blitz, преку едноставниот профил кој суптилно го прекршуваат контрастни линии, па сè до задниот дел со широкиот одноделен светлосен елемент, тенките задни светлосни групи и осветленото Opel име – дизајнот на Grandland е полн погодок!

Слично е и во кабината, каде едноставно доминира огромниот 16-инчен инфозабавен систем. Покрај него, кабината добива и надграден хед-ап дисплеј и хај-тек AGR седишта со електрични странични ѕидови, вентилација и масажа. Всушност, Grandland е изграден од високо-технолошки решенија – на пример, тука се новите Intelli-Lux Pixel Matrix HD предни светла кои имаат повеќе од 50.000 LED елементи (поточно, 51.200, по 25.600 на секоја страна) за врвно осветлување со супер-прецизна дистрибуција на светлината.

Поврзано:  Opel Mokka беше дел од Skopje Coffee Festival

Сега за сега нема официјални информации кога ќе пристигне Grandland на пазарот, но очекуваме тоа да се случи до крајот на годината.



Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.