Chery ќе произведува автомобили во Барселона! – CARclub.mk | #1 за Автомобилите full screen background image
Search

Chery ќе произведува автомобили во Барселона!

Кинескиот гигант Chery објави дека потпиша договор со компанијата EBRO од Шпанија да произведува автомобили во фабриката во Барселона.

Фабриката која е предмет на договорот порано беше на Nissan. Јапонскиот бренд ја затвори фабриката во 2021 и тогаш беа изгубени околу 1600 работни позиции.

Chery планира во фабриката да произведува модели од понудата на брендот Omoda. Колку за потсетување, Chery FX кој ние го возевме минатата година на други пазари се продава под името Omoda 5, а веќе е претставена и целосно-електрична верзија која најверојатно ќе се произведува во Барселона.

Доминантен акционер во договорот е шпанската компанија EBRO. Според најавеното, EBRO EV Motors ќе произведува свои возила во заедничката фабрика, а производството ќе започне во последната четвртина од годинава. Според најавеното, покрај Chery Omoda 5, во фабриката ќе се произведуваат уште два модели на EBRO, базирани на технологии и платформи од Chery. Производството ќе започне во две фази – на самиот почеток автомобилите само ќе се склопуваат во фабриката, за наскоро да започне заварување, фабрање и финално склопување во фабриката. Компаниите најавуваат дека ќе инволвираат локални добавувачи за одредени чекори од производството.

Chery настапува прилично самоуверено, особено ако земеме предвид дека по Германија, Шпанија е втората земја во Европа по број на произведени возила. „Го гледам овој чекор како потврда за посветеноста на Chery кон Европа. Оваа одлука докажува дека Chery е тука за да остане.“ – изјави Jochen Tueting, директор на Chery Europe.

Инаку, ова е втор голем чекор на кинески автомобилски бренд кон производство во Европа. BYD веќе најави дека ќе гради фабрика за производство на електрични автомобили во Унгарија a BYD Dolphin е избран за овогодинешен Best Buy Car of Europe според AUTOBEST жирито.



Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.