Новиот C-HR веќе се појави на нашите страници, но сега сме зад управувачот на верзија со 1.8-литарски хибриден погон и 140 коњски сили – токму верзијата која очекуваме да биде најпопуларна кај нашите купувачи.
Пред само неколку седмици го возевме новиот C-HR во неговата врвна конфигурација – онаа со 2-литарски хибриден погон со безмалку 200 коњски сили, i-AWD погон на сите четири тркала и GR Sport опрема. Денес ќе зборуваме за еден малку поинаков C-HR – малку помалку опрема, нијанса послаб хибриден погон, но значително поприфатлива цена. Ајде повторно да зборуваме за C-HR!
1.8-литарски хибриден погон со 140 коњски сили
Бидејќи веќе зборувавме за дизајнот на новиот C-HR, сега повеќе внимание ќе посветиме на погонот. Под кожата на овој C-HR се крие најновата генерација на добро-познатиот 1.8-литарски самополнечки хибриден погон на Toyota.
Погонот комбинира 1.8-литарски атмосферски бензинец кој работи на Аткинсонов циклус со електромотор и батерија. Бензинецот испорачува 90 коњски сили при 5200 вртежи во минута и 142 Nm при 3600 вртежи во минута, а со него соработува електромоторот кој испорачува дополнителни 95 коњски сили и 185 Nm вртежен момент. Електромоторот се напојува од мала литиум-јонска батерија со капацитет од 4.08 kWh.
Вкупната, системска моќност е одлични 140 коњски сили, кои овозможуваат забрзување до 100 километри на час за 10.2 секунди и максимални 170 километри на час. Toyota ветува комбинирана потрошувачка од 4.6 литри на 100 изминати километри, односно 4.9 литри на 100 изминати километри на отворено – а тоа е многу слично до она кое ние го измеривме. За време на неколкудневното тестирање потрошувачката едвај надмина 5.5 литри на 100 километри во град, односно под 5 литри на отворен пат.
Хибридниот погон многу лесно и многу често вози на електрична енергија. Toyota многу добро знае што прави и калибрацијата е навистина во насока на врвна ефикасност и економичност, а од друга страна електромоторот дава одлична „дополнителна мотивација“ кога силно ќе ја притиснете педалата за гас.
Уште еднаш ќе го пофалиме и новиот E-CVT бесстепен автоматски менувач – јапонците продолжуваат да работат на овој менувач и се забележува напредокот во однос на намалување на бучавоста која е карактеристична за ваквите менувачи.
Дизајн воден од несекојдневните форми и решенија
Инаку, ова е и понатаму C-HR. Дизајнот и понатаму го има главниот збор – вонземската естетика на супер-препознатливиот кроосвер на Toyota е водена од несекојдневните форми и можеби малку контроверзните решенија. Но нема сомнеж – ова е C-HR, а неговата купеовска форма го прави да изгледа како малку да лебди над асфалтот.
Секако – и тука ги забележуваме комплексните површини и храбрите линии. C-HR може да изгледа како сакате, но сигурно нема да изгледа здодевно. Да, C-HR GR Sport е подинамичен, но дури и кај „обичниот“ C-HR свое влијание имаат големите светлосни елементи, купеовската форма и скриените рачки од вратите. Детали има многу и интересна игра е да пробате да ги откриете сите.
Комфорен и неутрален зад упраувачот
Оваа верзија доаѓа и со помали тркала, но и со „помесести“ пневматици во однос на C-HR GR Sport – и би рекле дека иако не ни се допаѓаат колку што ни се допаѓаа големите тркала кај GR Sport, сепак позитивно влијаат на комфорот. Едноставно, поголемите пневматици поубаво ги впиваат нерамнините од нашите улици, без притоа премногу негативно да влијаат на управувањето.
Лесното електрично серво-управување и понатаму е прецизно, но ќе напоменеме дека не се пренесуваат скоро никакви информации од подлоата. C-HR не се навалува премногу во свиоци, ниту пак е наклонет кон надуправување – но вистината е дека највеќе му прилега опуштено, смирено возење каде се влече највеќе од хибридниот погон.
Современа кабина со сите потребни технологии и многу опрема
На автопатски брзини, во кабината е тивко – тука повторно ќе ја напоменеме подобрената калибрација на E-CVT менувачот. Сепак, би посакале малку повеќе звучна изолација за рафинираноста да е уште поизразена. Инаку, во кабината е комфорно и прегледно (освен кон задниот дел, но тоа е цената која мора да се плати за дизајнот, а затоа е тука и паркинг-камерата) и квалитетот на финалната обработка е беспрекорен.
Пред возачот се поставени дигиталните инструменти, додека на централната конзола се наоѓаат мултимедијалниот уред и физичките контроли за клима-уредот. Како што напоменавме кога го возевме C-HR GR Sport, на предните седишта има навистина многу простор, но на задната клупа е малку потесно. Багажникот е поголем во однос на оној кај C-HR GR Sport – таму беше со капацитет од 364 литри, тука има нијанса поголеми 388 литри.
Немаме замерки ниту на опремата – C-HR дури и во основното ниво на опрема ги има сите релевантни системи за активина и пасивна безбедност, а тука се и мултимедијалниот уред, паркинг-камерата, адаптивниот темпомат, 17-инчните тркала, LED предните светла и многу, многу повеќе.
Убедени сме дека токму оваа конфигурација ќе биде најпопуларна кај македонските купувачи
По сето ова, се наметнува еден важен заклучок – а заклучокот е дека Toyota нуди избор. Сакате поспортски, подинамичен и помоќен C-HR? Тука е C-HR со 2-литарски хибрид во GR Sport изведба. Сакате посмирен, поефикасен па би рекле дури и порационален и попрактичен C-HR? Тука е C-HR во Cult варијанта со 1.8-литарскиот хибрид.
Новиот 1.8-литарски хибриден погон е помоќен и поефикасен од порано, а тоа резултира со автомобил кој е поопуштен и порафиниран за возење, а згора на тоа и поекономичен – и токму затоа сме убедени дека токму оваа конфигурација ќе биде очекуваниот избор за повеќето купувачи на C-HR. И нема да згрешат.
Спецификации
Модел: | Toyota C-HR 1.8 Hybrid E-CVT 2wd Cult |
Мотор: | 1.8-литарски атмосферски бензинец, 4 цилиндри + електромотор |
Моќност: | 140 коњски сили |
Вртежен Момент: | 185 Nm / 3600 вртежи во минута |
Менувач: | Автоматски безстепен CVT |
Забрзување 0-100 км/ч: | 10.2 секунди |
Максимална Брзина: | 170 километри на час |
Должина: | 4362 mm |
Ширина: | 1832 mm (со странични ретровизори) |
Висина: | 1558 mm |
Тежина: | 1430 килограми |
Меѓуоскино Растојание: | 2640 mm |
Багажен Простор: | 388 литри |
Потрошувачка: | 5.6 литри на 100 километри (измерена, градска) |
Цена на основниот модел: | Toyota C-HR 1.8 Hybrid 2WD City – 32.590 Евра |
Цена на тестираниот модел: | Toyota C-HR 1.8 Hybrid 2WD Cult – 33.990 Евра |
Повеќе Информации: | Toyota.com.mk |