Nissan подготви технолошко и визуелно освежување за Qashqai – CARclub.mk | #1 за Автомобилите full screen background image
Search

Nissan подготви технолошко и визуелно освежување за Qashqai

Еден од најпопуларните модели на Nissan добива лик инспириран од електричната Ariya.

Nissan одлучи да ја нагласи семејната врска меѓу Qashqai и целосно-електричната Ariya – и би рекле дека одлуката е во вистинската насока. Освежениот Qashqai добива значително помодерен, пофутуристички лик. Од Nissan кажуваат дека предната решетка е инспирирана од заштитните облеки кои ги носеле древните јапонски војници, а околу решетката забележуваме драстично-редизајнирани дневни светла и скриени светлосни групи.

Профилот не е значително изменет, но добиваме нови 18, 19 или 20-инчни тркала, а позначителни измени препознаваме на задниот дел – задните светлосни елементи добиваат нова графика, браникот добива нови декоративни елементи, итн. Визуелните измени се комплетираат со новите бои, а Nissan објави дека Qashqai доаѓа и со N-Design изведба која добива заштитни елементи во боја на каросеријата и специјални 20-инчни тркала.

Интересни се и измените во кабината. Новиот Qashqai добива целосно-нов инфозабавен уред кој е развиен во соработка со Google, односно е базиран на Android опративниот ситем – всушност, многу слично на оперативниот систем кај Renault Austral.

Ова ветува целосна интеграција со сервисите кои ги нуди технолошкиот гигант – како на пример, одлична интеграција со Google Maps за врвна навигација. Секако, воведени се и нови, поквалитетни и полуксузни материјали, а многу внимание е посветено и на осветлувањето во кабината.

Понудата на погонски опции и понатаму е базирана на лајт-хибриди и фул хибриди. Според Nissan, унапредениот Qashqai Mild Hybrid ќе троши само 6.2 литри бензин на 100 изминати километри (според WLTP), додека e-Power погонот кој всушност користи мал турбо-бензинец како генератор на електрична енергија троши 5.1 литар бензин на 100 изминати километри.

 



Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.