Новиот лајт-хибриден турбо-бензински мотор ветува подобри перформанси, но и намалена потрошувачка до 14%.
Хибридниот погон кој сега може да се добие кај Astra (и караванот Astra ST, кој ние имавме можност да го возиме во Риселсхајм) го комбинира добро-познатиот 1.2-литарски турбо-бензинец со 48-волтна хибридна компонента. Резултат ова се намалена емисија на CO2, како и подобрена економичност во однос на конвенционалниот турбо-бензинец. Opel ветува потрошувачка намалена за 14%, но и можност при градски брзини до 50% од километрите да се поминат на струја.
Турбо-бензинскиот мотор и понатаму испорачува 136 коњски сили и 230 Nm вртежен момент, а електромоторот кој е интегриран во шест-брзинскиот автоматски менувач со двојна спојка испорачува 29 коњски сили и 55 Nm вртежен момент. При сопирање, електромоторот ја полни малата батерија поставена под совозачкото седиште. Зошто вакво решение? Многу едноставно – за да не се направи никаков компромис во однос на багажниот простор.
Како што рековме, Opel тврди дека овој лајт-хибриден систем е сосем доволно моќен за Astra да може да помине до 50% од километрите поминати во урбани околини на струја. Официјалната потрошувачка спoред WLTP мерењата е 5 литри на 100 изминати километри за Astra, односно 5.1 за Astra ST. Подобрени се и перформансите – Astra Hybrid забрзува до 100 километри на час за рамно 9 секунди и достигнува максимални 210 километри на час.