Peugeot нè покани во Кан, да бидеме меѓу првите во светот кои ќе седнат зад управувачот на целосно-новиот и целосно-електричен Е-3008.
Секоја премиера е важна, но премиерата на новиот E-3008 е на сосем поинакво ниво? Зошто? Затоа што токму преку E-3008 и новата платформа на која е поставен електричниот SUV гледаме директно во иднината на Stellantis. А тоа е веќе многу, многу значајно!
Е-3008 е првиот автомобил од Stellantis поставен на новата STLA Medium платформа.
Stellantis одлучи дека токму кај Peugeot и токму кај Е-3008 ќе дебитира новата STLA Medium платформа на концернот. Оваа платформа ќе биде основа за цела гама на нови модели во рамки на концернот – а тоа значи дека ќе биде основа за стотици илјади возила ширум светот. Платформата е развиена со електричниот погон во преден план, но истовремено е доволно модуларна да може да се комбинира со мотори со внатрешно согорување, благи хибриди и плаг-ин хибридни погони. Притисок? Каков притисок?
Прво да го поставиме прашањето – и што е тука ново? Па… Сè! Покрај платформата, нови се и батериите и електромоторите, нов е дизајнот, нов е ентериерот, нов е и целосно-дигиталниот кокпит. Домаќините од Peugeot гордо ни најавија дека токму со E-3008 ќе се постават нови стандарди во однос на електричниот досег – а тоа ќе го направат преку изведба која ќе може да помине 700 километри со полни батерии!
„Основниот“ модел со кој ние поминавме неколку стотици километри носи батерија со капацитет од 73 kWh, која е поставена во подот и има структурна улога во шасијата на E-3008. Оваа батерија (која тежи 520 килограми) се комбинира со електромотор кој испорачува 210 коњски сили и 343 Nm вртежен момент. Силата ја пренесува кон предните тркала, а сето ова овозможува забрзување до 100 километри на час за 8.8 секунди и максимални 170 километри на час.
Понатаму во понудата ќе се најде верзија со истата батерија, но со два електромотори, погон на сите четири тркала и вкупно 320 коњски сили, како и Long Range веријанта со погон на предните тркала, нијанса помоќен електромотор со 231 коњска сила и поголема батерија со капацитет од 98 kWh. Токму оваа верзија ветува дека ќе може да помине 700 километри со полни батерии.
STLA Medium платформата која е основа за E-3008 е поставена на 400-волтна архитектура, која пак дозволува полнење со максимална моќност од 160 kW на брз полнач. Ова овозможува полнење од 20 до 80% за 30 минути. Во домашни услови можете да полните со вградениот трофазен полнач со максимална моќност од 11 kW и во тој случај полнењето од 20% до полни батерии би траело околу 8 часа.
Нова интерпретација на дизајнерскиот јазик на Peugeot
Пред да зборуваме за ентериерот и за возењето, ајде да зборуваме за дизајнот. Со Е-3008, францускиот бренд воведува сосем нова итерација на својот дизајнерски јазик. Новите технологии дозволуваат дизајнот да биде храбар, па на предниот дел добиваме тенки и хоризонтални предни LED светла, како и три тенки вертикални дневни светла кои се веќе препознатливи за Peugeot.
На предната маска гордо стои логото на Peugeot, а веднаш над него е моделската ознака 3008. Ова е модел со кој Peugeot се гордее. Во долниот дел од браникот се отворите за активната аеродинамика.
Профилот е интересен и купеовски. Од Peugeot кажуваат дека Е-3008 е fastback но напоменуваат дека купеовската линија започнува зад задните врати и не влијае на просторната понуда во патничката кабина. Задниот дел е изненадувачки вертикален, со нагласено-тродимензионална графика на задните светла и истакнат заден браник кој има и функција на дифузер.
Носачите на петтата врата (слично како кај 408) се скриени во спојлер во форма на „мачкини уши“ со што не го нарушуваат просторот во кабината, а Peugeot повторно си игра и со дизајнот на тркалата – дизајните се самоуверено-несекојдневни и нема да бидат по сечиј вкус, но ние ќе кажеме дека совршено му прилегаат на Е-3008 и неговата самоуверено-несекојдневна форма.
Нов i-Cockpit, нови материјали, нови технологии
Како е во кабината? Уште еден новитет – кај E-3008 дебитира и најновата итерација на i-Cockpit кабината на Peugeot – а тоа значи огромен, 21-инчен лебдечки дигитален дисплеј одделен во две целини – едната наменета за инструментите, поставена пред возачот а другата наменета за инфозабавниот уред, мултимедијата, навигацијата и клима-уредот.
Под овој огромен закривен екран се најновите дигитални i-Toggles, а лево од нив се старт-копчето и прекинувачот за преносот. Сето тоа е наменето за полесно и поефикасно користење. Детал кој ќе го истакнеме? Новите рачки за трепкачите и светлата. Се чувствуваат како во скап, скап автомобил!
На централниот гребен е поставен селекторот за режим на возење и уште неколку контроли. Ни се допаѓат материјалите во кабината, но ни се допаѓа и завршната обработка на сите површини. Немаме особени забелешки ниту за мултимедијалниот систем кој работеше прилично брзо и респонзивно.
Платформата на Е-3008 дозволува и нијанса зголемено меѓуоскино растојание во однос на минатата генерација, а тоа пак резултира со повеќе простор на задните седишта. Рамниот под овозможува комфорно патување и кон подалечни дестинации, а само на повисоките патници ќе им недостасува простор за главите на задните седишта.
Во однос на технологиите, Peugeot воведува и нов Trip Planner за планирање на вашето патување кој покрај тоа што ќе ја одбере најефикасната рута до вашата дестинација, ќе ви одреди и кога да застанете на полнач и колку време да го полните автомобилот. Дури можете да одредите и колкав процент од батеријата сакате да ви биде достапен кога ќе пристигнете на вашата дестинација во случај да нема полначи во близина.
Интересна е и интеграцијата со ChatGPT која Peugeot веќе ја најави на неодамна-одржаниот дигитален E-Lion Day. Интеграцијата на ChatGPT во гласовниот асистен дозволува да разговарате со вашиот автомобил – можете да побарате информации околу вашата дестинација, совет за локации кои би требало да ги погледнете и слично. Системот работи прилично уверливо, иако има одредени ограничувања.
Зборот на денот е Рафинираност
Океј, и по сето тоа, како е зад управувачот? Зборот на денот најверојатно е рафинираност – електричниот погон одлично му одговара на робустниот SUV и неговите премиум аспирации. Многу, многу внимание е посветено на звучната изолација и на „пеглањето“ на нерамнините од улиците.
Во ред, во ред – францускиот асфалт е скоро беспрекорно мазен па не можеме да знаеме како ќе се однесува Е-3008 на нашите улици, но го препознавме трудот кој инженерите на Peugeot го вложиле за новиот SUV да биде што е можно порафиниран.
Суспензијата е нагодена да биде цврста (највеќе за да може да ја носи масата на самиот автомобил и батериите) но во ниту еден момент во кабината не е некомфорно – само неочекувани нерамнини при ниски брзини се пренесуваат во ентериерот, инаку е мирно и тивко.
На Е-3008 највеќе му одговараат долгите свиоци, каде суспензијата и големите батерии одлично го контролира навалувањето. Управувањето е лесно, а Е-3008 и покрај масата успева лесно да го смени правецот на движење. Сепак – ова не е спортски SUV и неизбежно е присуството на неколку стотици килограми батерии во подот – E-3008 е дизајниран и развиен да биде комфорен, рафиниран, и релаксирачки крстосувач.
Има само една шанса да се остави добар прв впечато – а E-3008 остава добар прв впечаток!
Со новиот Е-3008, Peugeot покажа дека лесно може да се нори рамо-до-рамо и со значително поизвикани (и поскапи) конкуренти. Има само една шанса да се остави добар прв впечаток, а францускиот бренд успеа да го направи токму тоа. Првите впечатоци кои ги остава Е-3008 се моќни и уверливи. Комбинацијата од новата платформа, новите технологии и самоуверениот дизајн го прави новиот SUV на Peugeot да биде самоуверен и горд. Горд на своето потекло, горд на своите таленти и горд на своите можности.