Audi не само што подготви освежување за A3 во сите негови изведби, туку претстави и нова Allstreet изведба која носи робустни, кросоверски елементи кај еден од најмалите модели на брендот.
Визуелните измени започнуваат со нова предница која добива нијанса поширока Singleframe предна решетка и нови остри отвори за воздух. Дополнително, сите изведби на A3 добиваат и нов преден сплитер кој визуелно го приближува автомобилот до подлогата. Интересно, од Audi напоменуваат дека моќните RS-изведби биле инспирација за новиот заден дел на A3 кој добива нов браник и понагласен дифузер.
Интересен новитет е A3 Allstreet кој се издвојува од останатите модели во гамата. Благодарение на поголемите тркала и повисоката суспензија, целиот автомобил е оддалечен од подлогата за дополнителни 30 милиметри во однос на стандардните модели. Забележуваме и пластични заштитни панели околу целиот автомобил, како и мат-црна Singleframe предна решетка и нови отвори за воздух.
Дел од стандардната опрема се и кровните носачи и пошироките крила. Сето ова го прави A3 Allstreet да биде интересен компромис меѓу конвенционалниот хечбек и сега веќе традиционалниот (и би рекле малку здодевен) кросовер/SUV.
Многу измени има и во кабината – кокпитот на A3 добива нови отвори за вентилација и нов систем за осветлување на кабината. Дополнително, добива и редизајнирана централна конзола, нов Sonos аудио уред и нови материјали. Сите верзии добиваат нов, 10.1-инчен инфозабавен дисплеј, а достапни се и грст нови технологии за безбедност и асистенција.
На купувачите во Европа ќе им бидат достапни неколку погонски опции. Тука е 1.5-литарскиот лајт-хибрид со 150 коњски сили во комбинација со S-Tronic автоматски менувач (но Audi најавува дека ќе биде достапен и мануелен менувач), а тука е и 2-литарскиот TDI со 150 коњски сили и S-Tronic автоматски менувач. Германците најавуваат дека во понудата наскоро ќе се вклучат и дополнителни бензински, дизел и плаг-ин хибридни погони.