Внатрешноста може да се пофали со поголем инфозабавен дисплеј и поквалитетна изработка, додека надворешноста се акцентира со жолтата боја која е повторно достапна како опција.
Најголемата промена во кабината е новиот 12,3-инчен инфозабавен дисплеј кој се наоѓа на врвот на редизајнираната контролна табла. Систмот има безжична поддршка за Android Auto и Apple CarPlay и доаѓа со подобрен систем за гласовно препознавање.
Надворешните ажурирања се ограничени на ревидираната палета на бои и новите тркала со дијаметар до 19 инчи. Од Nissan велат дека враќањето на жолтата боја како опција е резултат на побарувачката на клиентите. Опремата Juke N-Sport е новото врвно ниво, кое покрај основната боја на возилото комбинира црна завршница на покривот, столбовите, тркалата, ретровизорите и решетката.
Фејслифтот од 2024 година не носи никакви промени во опциите на погонската група. Тука се 1-литарскиот трицилиндричен бензински мотор со турбополнач кој произведува 115 коњски сили и 200 Nm вртежен момент, кој ја испраќа силата до предната оска преку шестстепен мануелен или седумстепен автоматски DCT менувач. Помоќниот и поефикасен Juke Hybrid комбинира атмосферски 1,6-литарски четирицилиндричен мотор со 93 коњски сили и електричен мотор со дополнителни 48 коњски сили.
Производството на освежениот Nissan Juke е веќе во тек во фабриката во Сандерленд во Велика Британија, а испораките се очекува да започнат во наредните месеци. Цените ќе бидат објавени поблиску до лансирањето на пазарот.