Од Fisker потврдија дека планираат да го нудат својот целосно електричен пикап Alaska на стариот континент.
Alaska е едно од возилата претставени на Fisker Product Vision Day што се одржи минатата година, заедно со компактниот кросовер Pear и спортскиот модел Ronin. Се очекува пикапот да биде базиран на истата платформа како и теренецот Ocean, кој моментално се продава во Северна Америка и Европа.
Од надворешна перспектива, Alaska изгледа многу слично на теренецот Ocean, но со додаден теретен кревет. Истиот кревет може да порасне од 1.372 mm до 2.286 mm благодарение на преградата Houdini, која се наоѓа позади задните седишта и ја „снемува“ кога се спушта внатре во возилото.
Пикапот ќе се нуди со два типа на батерии, со моќност од 75 и 113 kWh. Тоа значи дека опсегот на возење ќе се движи помеѓу 370 и 547 километри, а забрзувањето од 0 до 96 км/ч ќе трае само 3,9 секунди.
Иако Fisker вети дека моделот ќе се најде во продажба во Европа, се уште не е јасно кога ќе се случи тоа, а не е позната ниту цената по која ќе се продава истиот.