Во салонот на BMW во Скопје пристигна новиот X2 – CARclub.mk | #1 за Автомобилите full screen background image
Search

Во салонот на BMW во Скопје пристигна новиот X2

Од денес во салонот на М-Кар во Скопје е изложен новиот X2!

X2 повторно е базиран на X1, но исто како и првата генерација на спортскиот купе-SUV, добива засебен, поагресивен дизајн.

X2 добива пониски стакла и понакосено предно ветробранско стакло, остар, купеовски заден дел и поостро задно стакло. Дополнително, X2 добива и понагласени крила кои кријат поголеми тркала (со максимален дијаметар до 21 инч) а предните светла се позакосени и поагресивни.

Инаку, кабината е навистина налик на онаа кај новиот X1 – но тоа не е критика, навистина ни се допадна ентериерот на X1 кога неодамна го возевме. Пред возачот е поставен закривен мултимедијален дисплеј базиран на новиот BMW OS9 и секако, тука е целосната интеграција со Android Auto и Apple CarPlay. Сепак, ќе истакнеме дека X2 добива засебни седишта кои се дизајнирани да понудат повеќе комфор при подалечни патувања, а достапни се и спортски седишта со уште повеќе точки на нагодување.

На купувачите им се достапни неколку различни мотори. Бензинската понуда ја сочинуваат X2 sDrive 18i, sDrive 20i, xDrive20i и xDrive 25i кои нудат меѓу 136 и 204 коњски сили. Врв на понудата во моментов е X2 M35i со 300 коњски сили.

Дизелската понуда е во формa на X2 sDrive 18d кој користи 2-литарски турбодизел со 150 коњски сили. Сите верзии се со автоматски менувач. Цените во Македонија започнуваат од нешто над 48.000 Евра за X2 sDrive 18i со 136 коњски сили.

Новиот X2 веќе може да се погледне во салонот на BMW во Скопје.



Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.