Фејслифт добија популарните купе и кабриолет варијанти од Серијата 4 на BMW.
Моделите добија лесно освежување со поостри предни светла, но и нови задни светла со Laserlight технологија. За прв пат BMW воведува ласерски диоди во своите задни светла кои се користат за прикажување на трoдимензионална светлосна графика.
Достапни се нови 19-инчни тркала како и ревидирана палета на бои што ги вклучува зелена Cape York металик и црвена Vegas металик. Варијантите 430i сега имаат мат хромирани акценти и нов мрежен дизајн на доводот, додека M440i има нова сјајна црна решетка со М ознака.
Малите промени продолжуваат внатре со новиот волан, спортски седишта кои доаѓаат стандардно, ревидираното амбиентално осветлување и заоблениот дисплеј кој сега функционира со најновиот iDrive 8.5 оперативен систем на BMW.
Под хаубата на 430i се наоѓа 2-литарскиот четирицилиндричен мотор со турбополнач и блага хибридна технологија. Покрај промените во вбризгувањето на гориво, системот за палење и насочувањето на издувните гасови, моќноста останува непроменета со 255 коњски сили и 400 Nm вртежен момент. 3-литарската линиска шестка во M440i е нова и го користи благиот хибриден систем со чија помош доаѓа до комбинирана моќност од 386 коњски сили и 539 Nm вртежен момент.
BMW најави дека моделите ќе бидат глобално достапни од Март оваа година.