Од компанијата велат дека можат да ги исполнат сите барања на купувачите, напоменувајќи дека нема ограничувања околу опциите што би се вградиле во автомобилот.
И покрај својата старост, GT-R R35 е несомнено најдобриот автомобил што Nissan го има во моменталната понуда. Сепак, од Artisan Vehicle Design сметаат дека нашле начин да го направат уште подобар. Тјунерската куќа ќе произведе ограничена серија на GT-R R35 со целосно карбонска каросерија во дизајнерскиот јазик на постариот R34.
Компанијата започнува со замена на секој дел од каросеријата со карбонски, на тој начин намалувајќи ја тежината и зголемувајќи ја цврстината. Потоа, тука е изборот на бои. Artisan нуди рекреации на легендарните GT-R бои, како што се Millenium Jade, Midnight Purple и Bayside Blue, а во игра е и било која друга боја што ќе ја побара клиентот.
Секој Artisan GT-R ќе добие и надграден мотор со две варијанти – Track со 800 и Ultimate со 1000 коњски сили. И двете верзии на возилото ќе бидат опремени со надградени сопирачки, гуми и суспензија за да се обезбеди поголема сигурност покрај зголемената моќност.
Иако автомобилот засега постои само како компјутерски рендер, првиот реален прототип на Artisan GT-R се очекува да дебитира на SEMA кон крајот на следната година, а лимитираното производство од 36 единици ќе започне набргу потоа.