Освежената и технолошки-унапредена Opel Corsa вчеравечер ја имаше својата официјална македонска премиера!
Фејслифтираната Corsa е освежена, помоќна и технолошки-понапредна. Со освежувањето, Corsa ги презема дизајнерските насоки од останатите модели во гамата на Opel па веднаш се забележува редизајнираниот преден дел кој сега го носи Vizor елементот, како и редизајнираниот преден браник со скулптурирани детали. Ни се допаѓаат и елементите во страничните делови на браникот кои изгледаат како отвори за воздух, кои дополнителни ја истакнуваат динамичноста на малата Corsa. Секако, тука се и целосно-новите предни светла со LED технологија, а задниот дел добива централно-поставена ознака Corsa како и затемнети задни светлосни групи.
Но особено ни се допаѓа новата Grafik Grey сива боја која за прв пат се нуди кај Corsa – изгледа несекојдневно и футиристички и дополнително ја нагласува технолошката надградба на освежената Corsa. А кога сме кај технолошките надградби – да започнеме со новиот лајт-хибриден погон со 48-волтен систем. Овој мотор е достапен во изведби со 100 и 136 коњски сили, и се комбинира со автоматски менувач со двојна спојка. Покрај овие мотори ќе се нудат и досегашните бензинци со 75, односно 100 коњски сили. Но погонските освежувања не застануваат таму – сега Corsa Electric ќе може да се добие со два различни погони – едниот погон е со 136 коњски сили и автономија до 357 километри, како и нов погон со 156 коњски сили и автономија до 402 километри според WLTP мерењата. Батеријата (на доволно брз полнач, секако) се полни до 80% за само 30 минути.
Понатаму, Corsa добива и целосно-нови Intelli-lux LED Matrix предни светла. Новите светла имаат 14 (наместо 8) засебно-контролирани LED елементи. Corsa добива и нова задна камера со висока резолуција, но и адаптивен темпомат, ограничувач на брзината на движење, детектор на преден удар со автоматско итно сопирање и препознавање пешаци, итн…
Кабината добива нови материјали, нова рачка за менувачот и нов управувач. Врвниот новитет во кабината е целосно-дигиталниот кокпит и новиот инфозабавен систем. Corsa добива целосно-интегрирана Snapdragon Cockpit Platform од Qualcomm која со себе носи надградена графика, мултимедијални способности и AI можности за да понуди контекстуален и адаптивен кокпит-систем кој се прилагодува на желбите на патниците.
Истовремено, Opel продолжува со пристапот Detox to the Max – навигацијата нуди поврзани услуги, системот препознава гласовни команди, а 10-инчниот централен дисплеј и инструментите пред возачот се направени појасни и полесни за користење. За прв пат кај Corsa, системот доаѓа со безжично Apple Carplay и Android Auto поврзување, како и безжично полнење.
Во моментот на објавување, цените започнуваат од 17.400 Евра за Corsa со 1.2-литарски бензинец со 75 коњски сили во Edition ниво на опременост. Врвната Corsa GS-Line со 130 коњски сили и автоматски менувач чини 23.320 Евра.
Новата Corsa веќе може да се погледне во салонот на Opel на Илинденска во Скопје а наскоро ќе биде достапна ширум дилерската мрежа. Во меѓувреме, можете да ја посетите официјалната веб-страница на Opel.